Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Давид Љушев: Вардар е најголемо македонско спортско име, капитенската лента значи симбол на однесување, ангажирање и функционирање на теренот
Давид Љушев: Вардар е најголемо македонско спортско име, капитенската лента значи симбол на однесување, ангажирање и функционирање на теренот

Давид Љушев: Вардар е најголемо македонско спортско име, капитенската лента значи симбол на однесување, ангажирање и функционирање на теренот

Вардар Фанс и понатаму останува единствениот медиум кој со напорна работа продолжува да ги промовира играчите кои се дел од Академијата на Вардар. Преку нашиот медиум која е активен во последниве пет години на вардаровата јавност и овозможивме одблизу да се запознае со многу млади играчи, кои денес се дел и од сениорските екипи на клубот. Откривме многу талентирани играчи, се надеваме дека со афирмацијата која им ја овозможивме преку нашиот медиум, имаме барем малку удел во нивниот развој и напредок до кој стигнаа во изминатиов период.

33623558_2073037019583465_2694807775959056384_o

Нашето следно интервју ќе биде со играч од фудбалската академија на клубот и репрезентативец на Македонија. Се работи за Давид Љушев, играч кој настапува за генерацијата 2004, или тоа се помладите пионери на Вардар. Пред да го прочитате интервјуто, на кратко ќе ве запознаеме со „капитенот“ на оваа вардарова генерација, играч за кој треба се почесто да се слуша во иднина, еден од нашите „фаворити“ дека може да биде дел од сениорската екипа на најтрофејниот клуб во Македонија. Инаку Давид ја игра својата шестта сезона во Вардар, клуб со кој во три наврати ја освои детската лига на ФФФ ( два пати со тренерот Арсовски и еднаш со Андовски). Успеа на два пати да го подигне трофејот во националниот куп, како и во регионалната-скопска лига ( со тренерите Георгиевски и Кралевски).

32785050_10155997287694475_1811898826458398720_n

Неговите фудбалски „корени“ не се случајни, неговиот татко, Влатко Љушев е исто така поранешен играч на Вардар и младинската репрезентација. Всушност се работи за вардарово дете, кој ги има поминато сите младински категории на Вардар. Потоа Вардар го праќа на „калење“ во Работнички и како најдобар играч на првенството тој преминува во Силекс каде што се формира најдобрата генерација, која  освоојува  2 државни првенства и 2 купа. Потоа се враќа во Вардар и освојува 2 национални купа. Има исто така настапи за младата репрезентација на Македонија.

Давид со својата цврстина и квалитети и дава сигурност на вардаровата одбрана, па не случајно и настапува на стоперската позиција. Лидер во секоја фудбалска смисла, а неговата капитенска лента е доказ дека се работи за цврст и одлучен играч, пред кој претстои идина. Ова беше нешто накратко за Љушев, а во продолжение можете да го прочитате интервјуто со стоперот на помладите пионери.

1. Со вашата генерација ја играте првата сезона во рамките на помладата пионерска супер лига. Изминатите две години бевте дел од регионалната-скопска лига. Која е разликата меѓу овие две натпреварување, дали моменталната во која играта е поквалитетна во однос на противниците кои ги имате пред вас ?

75573779_153273982655914_5437714401039745024_o11-660x330

-Секако дека е поквалитетна. Разликата е во однос на учеството на поквалитетни екипи како, Пелистер, Победа, кои од секогаш имале одлични млади играчи, исто така и Шкендија и Академија Пандев, кои многу вложуваат во развојот на нивните млади генерации, како и можноста да се одиграат повеќе квалитетни натпревари со нив во текот на првенството.

2. Играте одлично оваа сезона, и после 16 одиграни кола вие сте единствената екипа во сите младински лиги која се уште не знае за пораз. Како го оценуваш досегашниот дел од сезоната, дали сте задоволни од остварените резултати, како и од прикажаните игри ?

-Со самиот податок дека сме единствена непоразена екипа со најмногу постигнати а најмалку примени погодоци од сите Вардарови генерации покажува дека играме квалитетно, одлично и дисциплинирано. Жалам што победничкото конто не е збогатено за плус две победи, но тоа е фудбалот. Можам да ветам дека ќе продолжиме како екипа уште подобро, сѐ до остварување на крајната цел, а тоа е двојната круна за оваа генерација на Вардар.

3. Пред четири месеци имаше можност да дебитираш за репрезентацијата на Македонија. Дали очекуваше повик од селекторот Канатларовски и дали сметаш дека истиот го заслужи. На последните собири на репрезентацијата У16 го немаше твоето име меѓу повиканите играчи. Какво е твоето размислување околу националната репрезентација, секако и за настапите твои кога беше дел од истите ?

90563543_620482695467584_1686291489979629568_n

-Да бидам искрен, подолго време го очекував репрезентативниот повик. Не треба да потенцирам дека играњето за националниот дрес претставува сон за секој играч, исполнување на сиот вложен труд и квалитет што го поседува, поттик за уште по напорна работа во понатамошниот фудбалски развој. Моето репрезентативно деби беше на два контролни натпревари со Романија каде што по сите коментари од фудбалските селектори кои ги следеа натпреварите, целосно го оправдав мојот настап. Како резултат на тоа го добив и повикот за развојниот турнир во Кушадаси (Турција), каде што од непознати причини бев максимално игнориран и на 4 натпревари добив само 10 минути игра на натпреварот со Албанија, додека во следниот период на пријателски натпревари, и целосно заборавен. Можам само да кажам дека во изборот на играчи за репрезентацијата до 16 години владеат не фудбалски елементи, и изборот е со сомнителен квалитет од разни причини.

90512168_2407098139553198_5510832297949003776_n

-Кој го разбира фудбалот ќе разбере што сакам да кажам, а јас само можам да ветам дека неправдите ке ме направат уште подобар, поцврст, поквалитетен играч, на нив ке одговорам со уште понапорна работа сѐ до остварување на мојот фудбалски сон. И секогаш со мојот фудбалски квалитет и потенцијал што го поседувам, ќе бидам на располагање на потребите на репрезентацијата во периодот што следи.

4. Оваа сезона имате можност да учите и работите со еден од најтрофејните тренери во Академијата на Вардар. Се работи за Сашо Тодоровски, ценет тренер во школата, познат и како шампионски стратег, кој освојуваше трофеи речиси со секоја генерација која ја водеше во минатото. Колку Давид научи од него, и колку од добрите игри сезонава на пом.пионери можат да се препишат на Рап-Тап ?

-Со должна почит до сите тренери кои ја водеа нашата генерација до сега, а како што и вие самите напоменавте, можам и лично да потврдам: задоволство и чест е да се работи со тренер во ликот на Сашо Тодоровски. И најголемата придобивка за нашата генерација беше неговото именување за наш тренер. Прво се работи за човек кој бил меѓу еден од плеадата големи играчи во историјата во ФК Вардар. Неговото големо фудбалско искуство постојано ни го пренесува преку тренажниот процес каде што лично и цела екипа доживеа голема позитивна фудбалска трансформација во односот на тренинг, дисциплина, професионален пристап во утакмиците, пренесување на тој вардаров победнички менталитет во битката со секој наш противник на фудбалскиот терен. Како тренер од секој играч се труди да го извлече максимумот и најдоброто, а наше е само да го почитуваме тоа што не тренира и бара за време на тренажниот процес и фудбалските натпревари. Затоа сакам да упатам молба до одговорните во ФК Вардар – да не води уште долго, се додека некој од нас не го облече сениорскиот црвено-црвен дрес на Вардар, како што се во овој момент неговите продукти од работата од младинските категории во ликот на Адем, Ибиши, Колевски, сегашни првотимци и европските потенцијали во ликот на Стефан Ристовски, Ашковски и многу останати.

272

5. Екипата на Работнички е вашиот противник во полуфиналето од купот на Македонија, тоа е екипа која е еден од вашите најголеми претеденти за трофејот во лигата. Какви се очекувањата за овој полуфинален двомеч, кој се одложи поради ситуацијата со вирусот ?

-Очекувам пласман во финалето. Моменталната ситуација ни го промени континиутетот на тренинзи и натпревари, но и покрај тоа, доколку дојде до полуфиналниот дуел, императивот е ист, победа и во двете утакмици. Нашиот ривал има голем мотив против нас. Имаат најголем број на репрезентативци, но како и секогаш верувам и сигурен сум дека повторно ке им ја одземеме радоста. Не се сомневам во нашата игра, мотив и квалитет што го поседуваме, додека на  градскиот ривал ќе му порачам дека треба многу да се помачи за да не победи, во следните дуели кои доаѓаат.

3125-660x330

6. Оваа генерација на Вардар изминатиов период смени неколку капитени. Што значи да се биде капитен на Вардар и дали е предизвик да се носи лентата на најтрофејниот македонски клуб ?

-Вардар е најголемо македонско спортско име, Вардар е светост, сон и желба на секој од нас да успееме во нашиот фудбалски пат. Затоа, да се биде капитен на мојата генерација за мене претставува чест, привилегија и одговорност. Голема благодарност и до мојот тренер кој во мене виде личност што може да ја исполни задачата на авторитет на терен, во секој сегмент на фудбалската игра. Капитенската лента за мене не е само украс на раката туку напротив, претставува симбол на однесување, ангажирање, функционирање за време на тренинг, натпревари… Во односот спрема сите субјекти и личности како во клубот така и на улица, училиште… Таа ми овозможи да бидам комплетна одговорна личност и со тек на време само ќе го потврдам сето ова и нема да ги изневерам ниту моите соиграчи ниту тренерот кој ми ја даде таа чест да бидам предводник.

87185202_2525918454295317_2841160869629394944_o

7. Се надеваме дека сезоната набргу ќе продолжи, какви се очекувањата на Давид, дали Вардар може да стигне до двојната круна ?

-Со надеж дека ке ја продолжиме фудбалската сезона, нашите очекувања се секогаш на највисоко ниво – победнички. Ние сме Вардар, од нас секогаш се очекува најмногу, со надеж и верба, со квалитетни тренинзи и натпревари, сакаме да ја заокружиме сезоната со двојна круна, истакна Љушев за нашиот медиум.

Звонко Ивановски