Единствената младинска екипа на Вардар која оваа сезона може да се пофали дека освои двојна круна се помладите пионери. Оваа генерација на играчи родени 2003 година успеа во својата прва сезона во првенството да стане Шампион на Македонија и тоа многу убедливо пред своите конкуренти, додека исто така го освои и националниот куп. Секогаш велат, дека е многу важен предводникот од клупата, оној кој ја диригира целата игра на тимот и кој секогаш има големи заслуги за шампионскиот тим.
Филип Деспотовски имаше можност оваа сезона да дебитира како тренер во Академијата на ФК Вардар и да започне нов предизвик. Се работи за личност која има долга играчка кариера, како домашна, така и интернационална. Деспот го знаеме како играч на повеќе клубови во ПМФЛ, меѓу кои и Вардар, екипа за која во три наврати потпишуваше за најголемиот клуб во Македонија. Има играно уште и во Цементарница, Напредок, Тетекс, Работнички, Академија Пандев а последен клуб во кој ја заврши кариерата беше тимот на Гостивар.
Тука е и интернационалнната кариера, каде Деспотовски настапуваше за Ворскла ( Украина), ОФК Београд, Бежанија и Мачва Шабац ( Србија). Етникос, Пиерикос ( Грција) и Интер Баку ( Азербејџан). Во неговата кариера како играч успева да го освои купот со екипите на Ворскла Полтава, Интер Баку и Тетекс, додека со Вардар го освои првенството на Македонија. Деспотовски има и 20 настапи за репрезентацијата на Македонија.
Пофалби од нашиот медиум за стручната работа на Деспотовски оваа сезона со помладите пионери, кои прикажаа доста офанзивен фудбал и надмоќен во однос на противниците. Требаше малку време играчите да се прилагодат со новиот тренер, а кога се вклопија во неговиот систем на работа, црвено-црните беа незапирливи, посебно во пролетниот дел кога имаа само два нерешени резултати. Нашиот медиум ја имаше прв можноста да направи интервју со тренерот кој оваа сезона „тежи“ два младински трофеи.
1. Имавте долга домашна и интернационална кариера. На три пати бевте дел од Вардар, а Гостивар беше клубот во кој ја завршивте играчката кариера. Што беше тоа кое најмногу ве потикна да продолжите со фудбалот и да започнете да работите како тренер ?
-Фудбалот е мојот живот, она што најмногу ме потикна за започнување на тренерска кариера беше моето интернационално искуство кое сакав да им го пренесам на нашите млади надежи.
2. За дебитант тренер во Академијата на Вардар имавте одлична сезона. Успеавте со генерација 2003 да ја освоите двојната круна, односно да бидете шампиони во лигата и купот. Може да ни кажете на што се должи успехот на помладите пионери оваа сезона и дали вие се надевавте на вакво нешто пред почетокот на сезоната ?
-Искрено Вардар е наш најголем клуб, децата треба да имаат победнички менталитет и пред се да научат дека Вардар секогаш оди на победа. Што се однесува до освојување на двојната круна, тоа ни беше целта оваа сезона и сите заедно напорно работевме за да ја оствариме посакуваната цел, додека јас искрено се надевав дека ќе дебитирам барем со еден трофеј.
3. Во претстојниов период со вашата генерација ќе настапите на турнир во Сараево. Се работи за силен турнир на кој ќе настапат осум квалитетни екипи од Балканот. Какви се очекувањата ваши за овој турнир, колку сте запознаени со противниците со кои Вардар ќе игра и дали може да очекуваме борба за медал ?
-Противниците не ги познавам доволно добро, но со оглед на тоа дека доаѓаат од бившите ЈУ-простори, сигурно дека се многу квалитетни. Турнирот го отвараме со дуел против домаќинот, екипата на Сараево, која досега на два пати успевала да го освои турнирот, што говори дека ќе имаме тежок старт. Како што кажав и претходно, Вардар секогаш оди на победи, иако овој турнир е за генерација 2002, но верувам дека ќе се покажеме во одлично издание и дека достојно ќе го претставиме клубот.
4. Во интервјуата и изјавите кои ги правиме со играчите од вашата екипа, често сте спомнувани, но она што највеќе ни остави впечаток од нивните изјави за вас е тоа што велат дека „Деспотовски е голем мотиватор на тимот“ , велат и кога не играме добро и губиме, тренерот знае да не дигне. Дали вакви бевте и како играч, кои карактеристики треба да ги поседува еден играч за во иднина да биде успешен, односно на што најмногу треба да се посвети внимание ?
-Нормално дека и како играч бев голем мотиватор, едноставно со мојата позитивна енергија влијаам на децата и ги охрабрувам максимално, со тоа се подигнува самодовербата кај нив. Мора да сфатат дека треба многу да се работи на усовршување на техничката и физичката подготовка, како и менталната стабилност.
-Ние се посветуваме на овие работи и обрнувам многу внимание на менталната стабилност кај моите играчи. Тука е и упорноста за успех, исто така една од важните работи за секој спортист.
5. Дали има разлика од условите за тренинг и начинот на играње фудбал, во времето кога вие бевте играч и сега, дали може да ни направите споредба ?
-Условите за тренинг и работа во ова време се многу подобри од порано. На пример Вардар има модерна Академија, која им овозможува супер услови во развивање на потенцијални првотимци. Се што е неопходно и потребно за една младинска школа успешно да функционира, го поседува токму Академијата на Вардар. Што се однесува до начинот на работа, во минатото и сега, времето е различно и не би можел да дадам споредба.
6. Во Академијата на Вардар моментално работат луѓе, кои во минатото имале значајни фудбалски кариери. Пред се мислам на директорот на школата, Ѓорѓи Христов, како и координаторот, Сашо Милошевски. Како е да се соработува со нив и колку тие се значајни за успесите на Академијата ?
-Секако дека тие се многу значајни во тој сегмент. Со оглед на тоа дека и двајцата имале интернационална кариера, знаат многу често да не посоветуваат нас младите тренери и нормално дека ние како почетници добиваме максимална поддршка и оставени сме во мир, без никаков притисок да ја извршуваме својата работа. Се работи за големи професионалци и добри личности, а постигнатите резултати со младинските категории оваа сезона само говорат за нивната квалитетна работа.
7. Рековме дека сте млад и надежен тренер кој само што ја започна својата тренерска кариера. Кои се вашите цели и амбиции за во иднина, познавајќи ве како упорен човек, сигурно дека имате повисоки дострели од овие моменталните ?
-Моите амбиции во иднина се најпрво да учам од поискусните и да се развивам како тренер најпрво со младите категории, а понатаму да стигнам и до сениорскиот фудбал.
Звонко Ивановски