Monday ,25 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Драган Јанкоски: Победата во финалето ни ја врати самодовербата, се радувам што во новата сезона ќе играме на голем терен

Драган Јанкоски: Победата во финалето ни ја врати самодовербата, се радувам што во новата сезона ќе играме на голем терен

Велат без добра одбрана нема добри резултати. Во следното наше интервју ве запознаваме со играч кој настапува на позицијата стопер. Се работи за млад и надежен играч, кој доаѓа од генерацијата 2006 на Вардар, тоа е Драган Јанкоски. Тој е незаменлив дел од играта на шампионската генерација, играч кој внесува сигурност во одбраната на вардарци. Позиција која е една од најтешките во фудбалот, за која е потребна голема одговорност, со оглед дека немаш право на многу грешки. Одличен играч, кој допринесува за генерацијата 2006 да има една од најдобрите одбрани, играч кој знае и често да се уфрли во нападот. Ние како медиум продолжуваме со промоција на младите играчи, како и поблиску запознавање на нашите читатели со младите надежи од Академијата на фудбалскиот клуб Вардар. Прочитајте го интервјуто со Драган Јанкоски, играч кој веќе осма година е дел од најголемиот клуб во Македонија.

1. Дали го паметите првиот фудбалски тренинг, може да ни кажете од каде се роди желбата токму за овој спорт ?

-На првиот тренинг не се сеќавам најдобро, бидејќи имав само пет и пол години кога родителите ме запишааа во ФК Вардар. Ми раскажуваа дека сум бил незадоволен затоа што првото доаѓање било само пријавување, а јас сум очекувал веднаш да почнам да тренирам со децата. Инаку, се чувствувам како отсекогаш да сум имал желба да играм фудбал. Тоа е така затоа што со топката сум откако знам за себе, а и затоа што живеам во семејство каде што се сака и постојано се гледа фудбал.

574

2. Дали Вардар е вашиот прв клуб, кој беше првиот тренер со кој имавте можност да соработувате ?

-Вардар е мојот прв и единствен клуб во кој тренирам од септември 2011 година. Првиот тренер ми беше Влатко Спасевски кој нѐ водеше првите две години, а неколку месеци во втората година нѐ тренираше и Иле Стефановски. Потоа две години нѐ водеше Зоран Петковски, а од есента 2015 година секоја година имавме различен тренер: Игор Кралевски, Филип Арсовски, Сашо Јанев и Филип Спасески.

3. Втор пат генерацијата 2006 успеа да стане шампион на Македонија, првиот трофеј ви беше дури пред четири години, па следеа три години во кои не успеавте да стигнете на врвот. Како Драган ја виде сезоната која помина, посебно големото финале против стариот „должник“ тимот на Албарса ?

1040

-Нашата генерација 2006 ја има освоено Детската лига во 2015 година, тогаш во финалето го победивме Скупи со 2:1. Наредните три години останувавме без трофеј, иако во сите три сезони во регуларниот дел од сезоната бевме без пораз. Во 2016 и 2017 година губевме на пенали од Шкендија и Албарса, а само минатата сезона го изгубивме финалето од Албарса во регуларен тек, иако претходно двапати ги победивме во есенскиот и пролетниот дел од лигата. Оваа година беше обратно. Откако тие два пати нѐ победија во регуларниот дел од сезоната, во финалето им се реванширавме, во најдобриот натпревар на целата завршница од Детската лига. И јас и другарите се чувствуваме одлично и мислиме дека со оваа титула ни се врати самодовербата и дека се ослободивме од несреќите кои не пратеа минатите три години.

1329-660x330

4. Изминативе години имавте можност секоја сезона да работите со различен тренер. Дали тоа го сметате за предност, колку научивте од сите нив и дали тешко ја поднесувате промената на тренери ?

-Мислам дека тренерите во Академијата на Вардар се супер. Доказ за тоа е што секогаш кога ни ги менуваат, повеќето од нас се нервираме и сакаме да останат. Потоа се навикнуваме на новиот тренер, па и со него ни е супер и пак се нервираме кога ќе има промена. Добрата страна со промените е што секој тренер нѐ учи на посебен начин, па се запознаваме со различни принципи на работа. Добро е и што секое дете кај новиот тренер има нова прилика да се покаже, а лошо е што првите месеци се троши повеќе време на запознавање и тоа потрошено време некогаш ни недостасува, посебно кога играме со уиграни екипи кои ги води еден тренер повеќе години.

5. Изминатава сезона имавте можност да настапите на неколку силни меѓународни турнири. Колку истите се значајни за вас како млади играчи, какво е искуството и дали екипите со кои играте на турнирите се поквалитетни од оние кои ги имате за противници во Македонија ?

vardarfans-2006-660x330

-Меѓународните турнири се многу корисни, а во иднина за нас ќе бидат уште поважни, бидејќи на нив одигруваме многу поквалитетни натпревари и на време може да се види колку сме напредувале ние, а колку нашите врсници од другите држави. Досега најмногу пати сме учествувале на турнири во Бугарија и таму сме постигнувале и најдобри резултати, вклучувајќи и неколку први места, додека на турнирите во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина одиме поретко и таму малку потешко ни оди. Мислам дека фудбалските академии во овие држави се многу квалитетни и би сакал почесто да се среќаваме со врсниците од овие земји.

6. Кои работи според вас се најбитни за еден млад играч во иднина да биде успешен, на што најмногу треба да посветите внимание ?

65300492_465581590908923_7245741975905763328_n

-Јас сметам дека за да успеам треба да тренирам вредно и со задоволство. Тренерите ни велат дека исто толку важно е да водиме спортски живот, здраво да се храниме и правилно да се развиеме во периодот што доаѓа, а родителите велат дека е потребно да имаме и малку среќа, посебно во однос на повредите.

7. Ве знаеме како играч кој настапува во дефанзивната линија, главно како стопер. Колку оваа позиција е тешка за еден играч, дали и во иднина се гледате на истата позиција, или би имале желба да играте и на друг дел од теренот ?

-Отсекогаш сум играл во задната линија и поретко на средината на теренот, најчесто како стопер, а некогаш како бек или како дефанзивен играч за врска. За стопер е многу важна висината, не сум сигурен дека ќе пораснам доволно и затоа сакам да играм и на друга позиција, посебно во средниот ред. Инаку, стоперската позиција ја сакам затоа што е една од најважните во тимот, иако понекогаш ми пречи што слично како и голманите, ние немаме право на грешка.

vardarfans-jankoski

 8. Колку сте задоволни од условите за работа кои ви ги пружа Академијата на Вардар, дали нешто недостасува на овојтренинг центар ?

-Тренираме во една од најмодерните академии не само во Македонија, туку и во регионот. Теренот е одличен, другите услови во зградата, соблекувалните, салите се исто така супер. За да можеме максимално да ги искористиме овие услови, би сакал нареднава година дел од тренинзите да се организираат како индивидуални или групни тренинзи, за секој од нас да може со посебни вежби да ги отстрани своите слабости и да ги подобри своите предности. 

9. Колку често гледате фудбал и дали имате омилени екипи и играчи ?

-Во сезона гледам по неколку натпревари неделно, обично дерби натпреварите во најдобрите европски лиги и Лигата на шампиони, а со најголемо нетрпение ги чекам светските и европските првенства. Покрај за Вардар, навивам и за Црвена Ѕвезда и Барселона, а најомилен играч ми е Меси. Сепак, најмногу ги сакам играчите кои покрај што се топ фудбалери, се уште поголеми спортисти како Андрес Иниеста и Хавиер Занети заради кого и го носам бројот 4.

2620

10. Оваа сезона имавте можност да работите со млад тренер, кој е дебитант во Академијата на Вардар. Како е да се работи со Филип Спасески, колку тој е заслужен за успесите на генерацијата 2006 и за освоената детска лига ?

-На почетокот слично како и со другите тренери минувавме низ периодот на запознавање, кој можеби траеше малку подолго, затоа што нашата генерација е поголема, има триесетина деца, а тренерот беше повнимателен и не сакаше непотребно да нѐ притиска. Со тек на време напредувавме во вежбите и во играта, ја подобрувавме формата и се повеќе можевме да одговориме на барањата на тренерот, кој иако е млад, знаеше да биде и строг, но и другарски да се постави и така уште повеќе да не мотивира. Мислам дека таа мотивација и поставувањето на екипата и играта што ги направи тренерот Филип Спасески на завршните натпревари беа најважни за освојувањето на титулата.

2532

11. Во новата сезона вашата генерација ќе дебитира во регионалната-скопска лига. Што очекувате, со оглед дека ќе играте на голем терен ?

-Се радувам што конечно ќе играме на голем терен. Сигурен сум дека ќе имаме добри подготовки и иако нема да биде лесно, очекувам да ја освоиме титулата. Ние сме Вардар и веќе сме навикнати од нас да се бара титула секоја сезона.

Звонко Ивановски