Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Марио Ричков: Јас сум „дете“ на Вардар и среќен сум што повторно имам можност да играм за најдобриот клуб во Македонија
Марио Ричков: Јас сум „дете“ на Вардар и среќен сум што повторно имам можност да играм за најдобриот клуб во Македонија

Марио Ричков: Јас сум „дете“ на Вардар и среќен сум што повторно имам можност да играм за најдобриот клуб во Македонија

Помладите пионери на ФК Вардар ја играат својата дебитантска сезона во рамките на помладата пионерска Супер лига. Оваа генерација која е предводена од Рап-Тап успеа да заврши на првото место во есенскиот дел од сезоната и да се пласира во полуфиналето на Купот. На почетокот на новата сезона оваа генерција ја засилија „повратниците“ во екипата, кои изминатите две години беа дел од Академијата на ФФМ. Еден од нив е левиот и надежен бек, тоа е Марио Ричков, кој е еден од најстандардните играчи во составот на помладите пионери.

Секако, дека играчите како опција имаат и други клубови за продолжување на кариерата, но кај Марио Ричков не беше спорно дека тој повторно ќе го облече црвено-црниот дрес. Се работи за дете на Вардар, а покрај тоа и неговиот постар брат, Андреј Ричков, во минатото беше дел од младинските категории на најтрофејниот клуб.

vardarfans-tekst

Марио е среќен што повторно ја има можноста да игра во Вардар и како што напоменавме без двоумење се врати каде и што припаѓа.

-Секако дека не се двоумев јас сум уште од дете во Вардар и сум многу среќен што ја имам оваа шанса да работам и играм во најдобриот клуб во Македонија. Не бев воопшто заинтересиран за други екипи, уште и кога преминав во Академијата на ФФМ, бев сигурен дека еден ден пак ќе го облечам дресот на Вардар. 

Неговата екипа го заврши првиот дел од сезоната на првото место, остварувајќи 10 победи, 4 нерешени резултати и ниту еден пораз. Марио изрази задоволство од пласманот на табелата, со надеж дека ќе продолжат во исто темпо и во пролетниот дел од сезоната.

-Одигравме една одлична полусезона каде што успеавме да се избориме за есенско прво место на табелата. Сигурен сум дека можеме да продолжиме во ова темпо на игра и во пролетниот дел од сезоната и на крајот да се крунисаме во Шампиони на Македонија. Со оглед дека немавме ниту еден пораз во есенскиот дел, сметам дека можеме да бидеме задоволни од остварените резултати и прикажаната игра на теренот.

Марио помина две години во Академијата на ФФМ, како репрезентативец на Македонија. Сигурно дека ова беше ново искуство за него, од кое ќе може да се надоградува за во иднина.

80461948_2443298975793655_7451279517051518976_n

-Бев две години дел од Академијата на ФФМ, проект кој е дел од УЕФА. Имавме секој ден тренинзи, како и натпревари во текот на целата година. Имавме можност да настапиме и на неколку турнири надвор од земјата и на тој начин да се стекнуваме со поголемо искуство. Во интернатот живеевме од понеделник во петок, период во кој ги извршувавме сите обврски, меѓу кои беше и училиштето, додека навечер имавме слободни активности. Едноставно, тоа беше обичен ден, како на секое дете кое професионално се занимава со спорт.

Можноста да се работи со најтрофејниот тренер во Академијата на Вардар, Сашо Тодоровски, е дополнителна привилегија за секој играч.

-Самото тоа што е еден од најтрофејните тренери покажува за каков стратег се работи.Од него може многу да се научи, а јас како играч ке напредувам и ке работам секако под негов надзор. Задоволни сме од неговата работа, како одминуваше времето станувавме се подобри под негово водство, па очекувам сите на крајот од сезоната да се радуваме на успеси.

81238828_553913948794079_3838306225397694464_n

Марио не добиваше шанса од селекторот Канатларовски, на последните прозивки за оваа национална селекција, но верува дека неговите добри игри во Вардар набрзо ќе бидат препознаени, па повторно ќе има шанса да се докажува во националниот дрес.

-Кога станува збор за репрезентацијата секој играч сонува да го носи националниот дрес. Па така и јас,во иднина со напорна работа и добри игри се надевам дека ке добијам повик од селекторот.

Левиот бек е еден од најстандардните играчи во составот на Рап-Тап, едноставно добива доверба, која максимално ја оправдува на теренот со неговата пожртвуваност.

2223

-Секако дека сум задоволен од минутажата која ми е дадена,кога станува збор за игрите секогаш може подобро. Се трудам на секој меч, максимално да одговорам на задачите кои ги поставува нашиот тренер и да ја оправдам дадената шанса.

Марио не ги крие амбициите на екипата, а тоа е дека атакуваат на двојната титула.

-Во пролетниот дел очекуваме двојна титула,како што ми доликува на клуб како Вардар. Сигурно дека нема да биде лесно, во лигата имаме големи конкуренти во екипите на Работнички и Шкендија. Оваа генерација знае како е да се освојува трофеи, па се надеваме дека тоа ќе го потврдиме и оваа сезона.

Звонко Ивановски