Полека се ближи крајот на сезоната во фудбалските лиги на младинските категории, а помладите пионери на ФК Вардар се наоѓаат во добра форма и тоа во вистинско време. Изминатиов викенд генерацијата 2003 на Вардар која ја предводи Филип Деспотовски стигна до многу убедлива победа во дуелот со Брегалница (9:0), која беше вкупно 15.оваа сезона во помладата-пионерска супер лига. Нашите млади надежи се наоѓаат во голема и неверојатна серија од 9 последователни победи, а ако се земат и двата убедливи триумфи во полуфиналето на купот против Њу Старс, дефинитивно вардарци се во полн налет за освојување на двојната круна. Она што сигурно повеќе го радува стратегот Деспотовски е формата во која се наоѓа и еден од неговите главни адути што се однесува на офанзивниот дел, тоа е Антонио Мирков кој полека но сигурно ја враќа онаа препознатлива форма која ја знаеме од неговото доаѓање во клубот. Токму со неговиот гол и започна голеадата во мрежата на штипјани, а крилниот играч на црвено-црните е задоволен од настапот на неговиот тим на неделниот меч, како и од самиот себе, истакнувајќи дека се враќа во препознатливиот ритам.
-Овој дуел со Брегалница го добивме со 9:0 кој воедно е и наш најголем триумф оваа сезона. Очекувавме многу повеќе од тимот на Брегалница бидејќи последниот наш меч заврши со наша минимална победа од 1:2. Кога започна натпреварот рано поведовме и головите почнаа сами по себе да доаѓаат. Едноставно бевме многу надмоќни од противникот, кој немаше шанси да избегне ваков висок пораз.
Мирков во еден дел од претстојот во Вардар се мачеше со повреди, му беше потребно време и работа да ја врати играта, полека но сигурно чекори на тој пат.
-Во новата полусезона нема речиси натпревар да не постигнам гол, па мислам дека се враќам „стариот“ јас со ефикасноста на теренот. Пред една година ми се наредија неколку повреди една по друга и мислам дека сега со мојата напорна работа и труд се враќам на старата форма, која се надевам дека ќе ја задржам и само ќе ја подобрувам мојата игра.
Во следното 21.коло, вардарци одат во Прилеп, каде гостуваат на својот најголем конкурент за трофејот, тоа е тимот на Победа. Прилепчани беа непријатно изненадени во претходното коло кога загубија од екипата на Македонија Ѓ.П, што значеше и зголемување на негативата во однос на Вардар, која е сега е шест бодови во корист на црвено-црните. Сепак Мирков вели дека неговиот тим нема да „калкулира“ со нерешен резултат, во мислите е само триумф, што би не доближил на само чекор до освојување на титулата.
-Следен натпревар ни е со екипата на Победа, со нашиот конкурент за титулата кој после ова коло заостанува шест бода зад нас. Во Прилеп одиме да извлечеме поволен резултат бидејќи имаме само 6 бода предност, која не смееме ја изгубиме. Оваа предност тешко се добива, но лесно се губи и затоа нема место за опуштање и не треба никого да потцениме. Едноставно не постојат во Вардар зборовите „блиску сме до титулата“, ние одиме само на триумф на секој меч и ништо друго, а противникот за да не стигне ќе треба многу да се намачи. Ние одиме максимално мотивирани во овој натпревар, сакаме да им вратиме за поразот од есенскиот дел и сигурен сум на поволен резултат од гостувањето во Прилеп.
На што се должи одличната форма и добрата игра на оваа генерација под водство на Филип Деспотовски, едноставно црвено-црните играат „викторија„ пред голот на нивните противници.
-Напорните тренинзи, мотивацијата и трудот носат само победи, а целиот тим напорно работиме да ги постигнеме нашите успеси. Одличната стратегија на тренерот Деспотовски, кој е „гладен“ за да ни го пренесе целото свое фудбалско знаење кое го има стекнато како искусен играч, едноставно тој најдобро знае што ни треба и како да не мотивира, затоа и сме на врвот таму каде што му е местото на Вардар.
Дали оваа генерација може да го повтори успехот од пред две сезони, кога тогаш во рамките на регионалната-скопска лига беа шампиони, а истата сезона го подигнаа и трофејот во купот.
-Топката е тркалезна и ништо не се знае на теренот, но јас верувам во нашите квалитети. Овој тим „дише“ како едно и се надеваме дека ќе го повториме успехот од пред две години. На добар пат сме оваа сезона, сите сме поискусни од лани па знаеме што треба за да се стигне до конечната цел, изјави Мирков за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски