После Висар Муслиу , Бесар Исени е второто засилување за нашиот фудбалски шампион. Се работи за играч од средината на теренот кој доаѓа од екипата на Шкупи. Бесар ги стартуваше подготовките со екипата, а денес клубот и официјално го промовираше во свој член, со кој потпиша тригодишен договор. Тој за официјалниот сајт на клубот го изјави следното.
-Време беше за нов предизвик во мојата кариера. Мислам дека направив правилен избор со тоа што станав дел од Вардар. Клубот секогаш има амбиции да биде на првото место и да освојува титули, а тоа беше една од причините затоа што дојдов тука. Ќе давам се од себе на тренинзите да се наметнам кај стручниот штаб и да добијам шанса во екипата на Вардар. Во оваа екипа имам можност да напредувам и да се надоградувам како играч. Од оние кои ги познавам, ми рекоа дека во тимот се работи на високо, професионално ниво. Со нетрпение очекувам да добијам шанса и да играм во Вардар. На крај благодарност до раководството и до стручниот штаб за довербата. Сигурен сум дека ќе бидам добро прифатен од моите нови соиграчи.
Бесар има 19 години и потекнува од школата на Шкупи, а има настапи и за младинските репрезентации на Македонија.