Црвено-црните вчера во првиот тест-натпревар го совлада австрискиот бундеслигаш Адмира. Ние триумфиравме со резултат 2:0 на неговиот стадион. Во нашите редови дебитираше Бесар Исени, 20-годишниот фудбалер доби шансата од Гоце Седлоски. Тој успеа во 42. минута да поентира постигнувајќи гол за водство со 1-0. Исени е среќен прво за дебито, за постигнатиот гол тој во изјава за сајтот на Вардар вели:
Среќен сум што добив шанса да настапам во првиот состав на Вардар. Уште посреќен што успеав на мојот прв натпревар да постигнам и гол, а најсреќен поради тоа што успеавме да оствариме победа. Чувството е прекрасно кога ќе се даде гол на деби, и сакам да се заблагодарам на стручниот штаб и на моите соиграчи за поддршката. Што се однесува до натпреварот, игравме против еден навистина цврст и добар противник. Сепак, сметам дека имавме повеќе од играта и од шансите и заслужено победивме. Сега ни останува уште да работиме на овие подготовки, да се подготвиме уште подобро за она што следува. А, јас посакувам да има уште голови и уште победи во дресот на Вардар.