На 13 март, „црвено-црните“ во рамките на првиот четвртфинален меч од Митропа Купот одигран во Скопје, го совладаа италијанскиот калчолигаш Каљари предводен од легендарниот италијански фудбалер Луиџи Рива.
Единствениот погодок вреден победа го постигна Методије Спасовски, а покрај него во Вардаровиот дрес на оваа средба настапија Мутибариќ, Дробац, Рац, Георгиев, Мечкаров, Плачков, Илиевски, Мојсов (Дончиќ), Шулинчевски и Велковски.
По 14 дена, Вардарци со идентичен резултат ќе слават победа и на возвратниот дуел во Италија, потврдувајќи го пласманот меѓу четирите најдобри екипи во средноевропскиот Митропа Куп.
На патот кон полуфиналето Вардар најпрво ќе го елиминира австрискиот Линцер (сегашниот Ласк Линц) со вкупни 2:1, а потоа и Каљари.