Friday ,29 March 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Иван Ташовски: Прекрасната атмосфера во екипата и другарството се главната „формула“ за успех на нашата генерација
Иван Ташовски: Прекрасната атмосфера во екипата и другарството се главната „формула“ за успех на нашата генерација

Иван Ташовски: Прекрасната атмосфера во екипата и другарството се главната „формула“ за успех на нашата генерација

Вардар Фанс како медиум кој активно ги следи натпреварите на младинските екипи, продолжува со промоција на играчите од Академијата на фудбалскиот клуб Вардар. Во следното наше интервју ќе ве запознаме со играчот кој доаѓа од шампионската генерација 2008. Се работи за Иван Ташовски, кој ја одигра својата втора сезона во црвено-црниот дрес. Игра во дефанзивната линија, се работи за одличен играч кој е беспрекорен во одбранбените задачи, а често знае и да се уфрли во нападот. Прочитајте го интервјуто со младиот „виртуоз“ од Академијата на Вардар.

1. Како се случи да започнете да играте фудбал, од каде произлезе желбата за овој спорт ?

-Уште од најмала возраст најомилена од сите играчки ми беше топката. Кога моите родители и роднини ме прашуваа што да ми купат, одговорот секогаш беше топка. Конкретно желбата да тренирам фудбал се појави за време на светското првенство во фудбал во 2014 во Бразил на кое што сите натпревари ги гледав со голема возбуда, а резултатите од истите и ден денеска ги паметам.

2. На колку години започнавте да тренирате фудбал, во која школа и кои беа првите тренери од кои ги учеше основите во фудбалот ?

7

-Започнав да тренирам фудбал на седум годишна возраст во фудбалската школа Форца, најпрво со тренерот Гоце Петровски, па набрзо и со тренерите Јовче Џипунов и Синиша Лучиќ. Исклучителни професионалци од кои ги научив основите на фудбалот.

3. Како се случи да преминеш во Вардар, дали се сеќавате на вашиот прв тренинг во Академијата на клубот ?

-Во Вардар преминав во 2017 година откако ме повика тренерот Павел Неделковски кој ги следел моите настапи за ФК Форца во детската лига и на пријателските натпревари. Иако беше пред две години, на првиот тренинг во Вардар се сеќавам како да беше вчера. Всушност тоа впрочем и не беше класичен тренинг, туку претходно закажан пријателски натпревар со генерацијата 2007, на која што како замена влегов после неколку минути и постигнав гол. На моја голема радост, мојата генерација победи на тој натпревар.

4. Која е „формулата“ за успех на вашата генерација, со оглед дека и третта година по ред успевате да станете Шампиони на Македонија. На што се должи шампионскиот „дух“ на екипата ?

4

-Според мене „формулата“ за успех на генерацијата 2008 се состои од повеќе фактори, од кои како најбитни би ги издвоил прекрасната атмосфера во екипата, другарството, условите за тренинг на Академијата и секако тренерите. Со самото тоа што тренираме во шампионски клуб, кај секој од нас шампионскиот дух е на највисоко ниво.

5. Во детската лига играте во дефанзивната линија, на бековските позиции. На која позиција се гледате во иднина, на голем терен ?

-Во детската лига како и на многубројните турнири играм во дефанзивната линија, односно како лев и десен бек. Во изминатата сезона тренерот Владимир Колев понекогаш ме уфрлаше и како класично крило, претпоставувам поради тоа што топката ме „влече“ и знаев од позиција на бек да ја носам топката напред односно да помагам во нападот. Сега за сега мислам дека најприродна позиција за мене е десен бек, а во иднина секако за тоа ќе одлучува тренерот.

3

6. Дали Иван има омилена екипа и свој идол ?

-Јас сум голем навивач на Барселона. Секако мој омилен играч како и на милиони други деца низ целиот свет е Меси, но играч на кој му се восхитувам и како кој би сакал да бидам во иднина е поранешниот играч на Барселона, Дани Алвеш, кој според мене е најдобриот десен бек на денешницата.

7. Изминатава сезона со вашата генерација имавте можност да играте на неколку турнири, а голем дел од нив и да ги освоите. Сигурно дека на истите стекнувате и големо искуство, а кој турнир според вас беше најсилен ?

8

-Изминатата сезона настапивме на шест турнири од кои четири надвор од државата односно два пати во Бугарија, Босна и во Србија. На пет од нив освоивме прво место, додека во Србија, на Драган Манце купот освоивме третто место. Најсилен турнир по квалитет на екипите според мене беше турнирот во Бјелина, Босна и Херцеговина, каде што успеавме да ги победиме екипите на Војводина од Нови Сад и на Динамо од Загреб. Искуството што го стекнуваме од меѓународните турнири е огромно, најповеќе поради тоа што на тие турнири учествуваат најдобрите екипи од Балканот и добиваме прилика да ги одмериме силите директно со нив, при што после секоја победа расте нашата самодоверба.

1

8. Со оглед дека имате освоено многу трофеи и медали со Вардар, дали имате некој посебен трофеј кој може да го издвоите, кој останал во вашето срце ?

-Сите трофеи и медали кои ги освоив со Вардар ми се особено драги и многу ми значат, но кога би требало да издвојам, би го издвоил златниот медал од Панаѓуриште –Бугарија во мај оваа година, кога во финалето го победивме големиот Лефски од Софија со 4:1. Тоа беше на еден начин „ слатка одмазда“ за поразот од нив во финалето на турнирот во Сандански, претходната година.

Звонко Ивановски