Вардар ја отвори пролетната сезона со две победи дома со тетовска Ренова и на гости со екипата на Хоризонт од Турново. Нашите момци утре на домашен терен со почеток во 14-00 часот ја пречекуваат екипата на ФК Брегалница во рамки на 21.коло во првата фудбалска лига. Во пресрет на мечот со штипска Брегалница ви ги носиме очекувањата на вардаровиот “бомбардер“ Филип Ивановски, кој ни дава оценка за првите две воведни кола и неговата сегашна форма.
На воведните два меча мислам дека доминиравме на двата натпревара и што е поважно остваривме две победи. Со Брегалница како и на секој натпревар во ПМФЛ ќе одиме на победа, за да го оствариме тоа мора секој од нас да даде свој максимум. Јас се чувствувам добро, давам максимум на тренинзите и нормално чекам шанса за поголема минутажа, а со тоа се надевам и на нови голови. Со истите очекувам да придонесам да освоиме што повеќе бодови и да ја одбраниме титулата во нашата лига.
Ивановски го запрашавме да ни даде свое мислење за годинешната борба за титулата во првата лига, каде покрај нашиот Вардар единствен конкурент е тетовска Шкендија која не следи во чекор на првенствената табела во ПМФЛ.
За продолжението од сезоната сметам дека ние треба да се гледаме само себе, имаме предност меѓутоа нормално не смееме да се опуштиме, бидејќи Шкендија има квалитетна екипа и сигурно ќе биде интересна борба во продолжението особено во меѓусебните дуели.- вели Филип Ивановски за Вардар фанс.
Михајло Тушевски