Утре на теренот “Билјанини извори“ во Охрид се игра големото финале на купот, помеѓу пионерските фудбалски екипи на Вардар и Работнички. Избраниците на Сашо Тодоровски се актуелен освојувач на купот и ќе имаат можност истиот да го одбранат доколку го совладаат противникот. Двата натпревари во првенството оваа сезона им припаднаа со минимална победа на Вардарци, кои се и подобро пласирани на табелелата од екипата на Работнички. Еден од адутите на црвено-црните во ова финале ќе биде голманот Методија Велковски, кој оваа сезона брани во одлична форма.
-Како на индивидуален така и на екипен план овој натпревар е многу важен за мене и мојата екипа. Со противникот добро се познаваме мислам дека предноста е на наша страна поради двете победи во лигата и во квалитетот, но не го потценуваме противникот никогаш, сепак се работи за финале. Јас како член на оваа одлична екипа верувам во моите соиграчи дека можеме по трет пат да го подигнеме куп трофејот. Есенскиот дел беше подобар и поуспешен додека во пролетниот дел со некои нови засилување каде на стартот немавме среќа првите две кола, но се вративме во победнички ритам како што му доликува на Вардар.
Велковски ќе има уште поголем мотив во финалето, бидејќи утре е неговиот роденден, кој се надева дека ќе го прослави со трофеј во рацете.
-Јас како поединец воглавном сум задоволен од сезонава и сакам да ја крунисам со куп трофејот. Ова за мене ќе биде второ финале во дресот на Вардар. Финалето се игра на мојот роденден и именден и најдобар подарок би бил трофејот и секако јас самиот да имам голем придонес во самото финале.
Звонко Ивановски