Изминатиов викенд се одигра завршниот турнир во женската пионерска лига, каде првото место им припадна на Вардарки, кои во големото финале ја совладаа екипата на Металург. Ова е заслужен трофеј за пионерките кои сезоната ја завршија без ниту еден пораз. Избраничките на Ристовска и Пецевска одиграа дванаесет натпревари и забележаа исто толку победи. Во полуфиналето на Ф4 кој се се играше во спортската сала во населбата Автокоманда беа подобри од екипата на Куманово. Исто така освоивме силен меѓународен турнир во Зрењанин, каде нашите надежи се закитија со златниот медал. Се на се одлична сезона за оваа генерација која дава надеж за сезоните кои следат. Најдобриот стрелец оваа сезона за црвено-црните е Андреа Седлоска, која одигра на високо ниво во текот на целата година и е една од најзаслужните за освоеното прво место. На финалниот натпревар со Металург, Андреа беше убедливо најефикасна, со осум постигнати голови.
-Ние сезоната ја поминавме доста напорно при што сакавме да постигнеме големи резултати. Горда сум на себе што придонесов на мојот тим за сите победи до сега, исто така сум многу горда на мојот тим што заедно тимски успеавме да го освоиме златото. На почетокот бевме спремни да се бориме со сите екипи за на крајот да бидеме шампиони. Нашата желба беше да го освоиме првото место, при што на наша заслуга се оствари желбата. Полуфиналниот меч беше доста тежок за нас сите бевме возбудени пред да го одиграме, но ние бевме спремни да дадеме се од себе и со храброст да се појавиме на терените за влез во финалето. После победата во полуфиналето знаевме сите дека не очекува уште еден доста тежок натпревар, но тоа не значеше дека не можеме да се бориме до крај. Успеавме сите тимски да покажеме она што го трениравме со помош на нашиот тренерски тандем Биљана Пецевска и Драгана Ристова, како и тренерот Раул Гонзалес кој многу ни помогна.
Признанието за најдобар играч на завршниот турнир заврши во рацете на Андреа Седлоска. Ова беше очекувано со оглед дека Андреа беше предводник на Вардар, на двата завршни натпревари во лигата.
-На крајот заслужено се изборивме за да ги одбраниме боите на нашиот клуб и да покажеме дека сме победници. Мојата награда премногу ми значи, се трудев и дадов се од себе за да ја освојам и на крајот за среќа се најде токму во моите раце.
Звонко Ивановски