Седма првенствена победа за кадетите на фудбалскиот клуб Вардар. Изминатиов викенд се одиграа натпреварите од деветото коло во првенството на младинските фудбалски категории. Избраниците на Влатко Колев во дербито за противник ја имаа екипата на Шкендија, која ја совладаа убедливо со резултат 5:1. Одлична игра за нашите млади надежи кои се вратија на победите во првенството. Хет трик на овој меч постигна Јахја Абдулхади кој се наоѓа во одлична форма во новата натпреварувачка сезона. Тој за нашиот сајт ги сподели впечатовите од убедливиот триумф на дербито.
-Мораме да бидеме задоволни од прикажаната игра и конечниот резултат на овој дерби натпревар. Бевме доминантни во текот на сите 90 минути и ниту во еден момент не се опуштивме. Знаевме дека пред себе имаме силен противник, кој знае да ја казни секоја грешка на другата екипа. Затоа дадовме се од себе да оствариме добар резултат и да се вратиме на победите во првенството. Покажавме дека се наоѓаме во одлична форма и ќе се обидеме со победи да го завршиме есенскиот дел. Долга е сезоната, пред нас има многу натпревари во лигата и купот, но можам да ветам дека ќе дадеме се од себе да ја освоиме двојната круна, изјави Јахја за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски