Пред нас е веќе третото коло во женската лига на шампиони. Победи во групата Ц остварија екипите на Вардар и ФТЦ Будимпешта со кои се зацврстија на првите две места на табелата.
Вардарки стигнаа до својата втора последователна победа во лигата на шампионите, откако на првото гостување сезонава беа подобри од екипата на Астраханочка. Игравме доволно колку за да стигнеме до нови бодови во оваа групна фаза. Добро го стартувавме натпреварот каде имавме предност од 4:0, но домашниот тим во наредниот период успева да израмни на 6:6. До крајот на првото полувреме имавме постојано водство, кое не беше поголемо од два гола разлика. На полувреме заминавме со резултат 13:14. Сличен тек натпреварот имаше и во второто полувреме, кога добро започнавме и имавме предност од три голови разлика. На моменти шампионот на Русија се враќаше во игра и намалуваше на два гола. Сепак кога беше најпотребно Вардар го засили темпото на игра, се одлепи на четири голови предност, а со голот на Пенезиќ само ја потврдивме победата, која беше изразена со резултат 26:31. Пенезиќ беше убедливо најефикасна постигнувајќи 10 голови, додека кај поразениот тим се истакна Сабирова со 8 голови.
ФТЦ Будимпешта пред својата публика потешко од очекувањата стигна до победа во дуелот со екипата на Лајпциг. Екипата од Германија на овој меч допатува со 11 ракометарки, од кои две беа голмани. Домашниот тим беше во постојана предност, иако таа во првото полувреме не беше поголема од два разлика. На пет минути пред крајот на првиот дел, Лајпциг го израмни резултатот на 10:10. На полувреме Унгарките имаа минимално водство од 12:11. На стартот на вториот дел, ФТЦ направи серија од 4:1 и до крајот на мечот ја одржуваа оваа предност. Во еден момент имаа највисоки пет голови разлика. Конечниот резултат гласеше 26:22. Лукач со 8 голови го предводеше победничкиот тим, додека кај Лајпциг најдобар стрелец беше Хубер со 5 погодоци.
Вака изгледа табелата после три одиграни кола:
1. Вардар 5
2. ФТЦ Будимпешта 5
3. Астраханочка 2
4. Лајпциг 0
Двојки за следното четврто коло:
Вардар – Астраханочка 05.11 17:30
Лајпциг – ФТЦ Будимпешта 06.11 19:00