Friday ,19 April 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Прв тим > Јаневски: Со поддршка од нашите навивачи очекувам да ги освоиме првите бодови
Јаневски: Со поддршка од нашите навивачи очекувам да ги освоиме првите бодови

Јаневски: Со поддршка од нашите навивачи очекувам да ги освоиме првите бодови

Утре со почеток од 21:05 часот на арената “Филип Втори“, фудбалскиот клуб на Вардар го игра последното коло во групната фаза од Лигата на Европа. Во Скопје ќе гостува екипата на Розенборг од Норвешка. На првиот дуел одигран на гостински терен, славеше противникот со резултат 3:1. На тој дуел го постигнавме и првиот гол во групната фаза, дело на Хуан Фелипе. Вечерва клубот одржа прес-конференција на која, шефот на стручниот штаб, Чеде Јаневски ги сподели очекувањата од овој дуел.

-Ова за нас е последен натпревар во Лигата на Европа, ова ни служеше да собираме добро искуство, и ние како стручен штаб и фудбалерите видовме што значи да се игра во една ваква Лига. Овие мечеви треба да ни бидат мотив за следните сезони исто така да се обидеме да обезбедиме учество во вакви натпреварувања, бидејќи од овие фудбалери еден ден многумина ќе играат надвор, да знаат што ги очекува, и како е да се игра во Европа. Во овој последен натпревар сакаме да ги освоиме првите бодови, затоа што освен искуството мора да гледаме и резултатски. Знаеме дека резултатски не поминавме добро. На гостувањата бевме блиску, против Розенборг на гости одигравме добар натпревар со шанси, но за жал го загубивме. Со Зенит исто бевме рамноправен противник, особено во второто полувреме, каде што можевме да дојдеме до тој историски бод, и таму не успеавме. Утре ни е последен натпревар, последна шанса да дојдеме до бодови. Како тоа би го направиле? Со еден добар пристап организациски, тактички, желба, знаење и верба во своите квалитети и пред нашата публика, бидејќи знаеме дека двата меча дома не ги одигравме на нивото и доживеавме порази кои и ден денес не болат. Конечно очекувам со поддршка на нашата публика да ги освоиме тие бодови.

Вардар во пресрет на овој меч има проблеми со суспендирани и повредени играчи, па Јаневски најави извесни рокади во составот.

-Од тие 19 играчи кои ги пријавивме на почетокот на ова натпреварување, имаме играчи кои не можат да настапат, Брдаровски кој подолго време е отсутен, потоа Хамбарџумјан нема да биде на располагање поради картони. Затоа ќе мораме во дефанзива да правиме неколку рокади, и утре немојте да бидете изненадени ако видите некој фудбалер на друга позиција. Но, без разлика, мора да веруваме во себе, да истрчаме храбро да дојдеме до тие посакувани бодови дома.