Денес во рамки на последното есенско, 14.коло од младинската лига ФК Вардар кој е предводен од Петар Ѓоргиевски ја пречека младинската екипа на ФК Шкупи. На дуелот кој се одигра на Академијата на ФК Вардар во Градски парк, нашите младинци со добра игра во вториот дел дојдоа до висока победа со резултат 4-1 (1-1).
За нашиот тим старуваа: Велковски, Дишлиевски, Антовски, Реџепи, Ѓоргиевски, Серафимов, Наумчевски, Трајчевски, Јахја, Трајковски и Бериша. Играа уште и: Милковски, Петковски и Битиќи.
Во првиот дел во кој двете екипи имаа по неколку прилики видовме по еден погодок во мрежите на Методија Велковски и голманот на гостите Амети Ружди. Први со погодок овој натпревар го отворија нашите младинци, тие преку Јахја Абдулхади во 13.минута погодија за отварварање на резултатот. Вардаровиот играч умешно го совлада Ружди за наша предност од 1-0. По само три минути игра во 16.минута од првиот дел противникот успеа да го совлада Велковски, за нив стрелаше Омар Имери кој погоди за 1-1. Со овој резултат се замина на одмор и покрај неколкуте прилики во продолжение.
Во вториот дел ние тргнавме да постигнеме гол со цел да поведеме и да бидеме поблиску до освојување на три нови бода. На почетокот на вторите 45.минути имавме серија прилики кои не ги претворивме во гол. Во 62.минута тоа ни успеа, повторно преку Јахја Абдулхади , тој со неговиот втор гол ни донесе водство со 2-1 на овој дуел. Само шест минути потоа на сцена стапи Антовски Филип, тој успеа да го удвои нашето водство во 68.минута постигнувајќи гол за 3-1. Имавме комотно водство што ни овозможуваше да играме полесно и да трагаме по нов гол. Повторно истиот играч, Антовски Филип во 78.минута беше “таличен“ за сино-белите од скопски Чаир. Тој погоди за 4-1, резултат со кој се заврши овој последен есенски дуел за нашите младинци.