Бразилскиот интернационалец во редовите на Вардар, Виктор Нилдо Јуфо се враќа на терените после паузата, која ја имаше поради повреда здобиена на подготвителниот период во Словенија. Јуфо не беше во можност да му помогне на својот тим, на мечот против Пјуник во 1.квалификационо коло од Лигата на Европа. Полека се враќаше на теренот, тренираше самостојно, а потоа и со тимот. Доби шанса за настап и на последните два контролни дуели против Македонија Ѓ.П и Силекс. За официјалната страна на клубот, бразилецот вели дека е подготвен за игра.
-За среќа сега се е во ред. Подготвен сум за настап во првенството, и со нетрпение го очекувам мојот прв официјален натпревар во дресот на Вардар. Жал ми е што не бев во можност да му помогнам на тимот во натпреварите против Пјуник во Лигата на Европа. Сега сум подготвен да одговорам на следните предизвици и се надевам дека ќе му помогнам на тимот во освојувањето на шампионска титула.
Познато е дека новата сезона ќе ја стартуваме во Тетово, со дуел против екипата на Шкендија, поранешѓниот тим на Јуфо.
-Така сакаше ждрепката, ако добијам шанса, тогаш првиот меч во Вардар ќе ми биде против мојот поранешен клуб. Додека настапував таму стекнав многу пријатели, меѓутоа сега сум во тимот на Вардар, и ќе се трудам мојот сегашен тим да победи. А, со останатите и натаму ќе останам пријател кога ќе заврши натпреварот. Со нетрпение го чекам мојот прв настап во Вардар и се надевам дека ќе имам деби со три бода, истакна Јуфо.