Творец на вчерашната победа и завршување на успешната сезона со победа беше капитенот на ФК Вардар Златко Таневски. Таневски по подолга пауза се најде во првите 11-мина и ја носеше капитенската лента. Искусниот стопер љубилејната бројка од 80 освоени бодови ја круниса со гол од пенал вреден три бода. Договорот на Злате истекува, а Таневски за официјалната веб страна на ФК Вардар го изјави следното:
„Многу сум среќен, пред сѐ што добив можност како стартер да ја носам капитенската лента на овој меч. Пред почетокот на натпреварот, падна една шега во соблекувалната дека доколку има пенал, токму јас треба да ја превземам одговорноста. Ете, на крајот навистина добивме пенал и се радувам како мало дете што го постигнав овој многу важен гол, благодарение на кој го надминавме и рекордот според бројот на освоените бодови во Првата лига“, рече Таневски, веднаш по завршувањето на средбата.
„После една година мачење со повредата, конечно се вратив на терените. Иако бев спремен да настапам и многу порано, шансата ја добив на последниот натпревар од пролетната полусезона. Би сакал што е можно побргу да го заборавам минатиот период, од тој аспект. Сепак, најбитно е тоа што на крајот ја освоивме посакуваната титула. Пред почетокот на сезоната најавувавме атак на двојната круна, меѓутоа Купот ни избега и сите сили ги насочивме кон првенството. Успеавме да одолееме на притисокот од Шкендија и горди сме што ја освоивме десеттата титула. Воедно, за големиот успех би сакал да им се заблагодарам на луѓето од управата, како и на нашите верни Комити, за поддршката што ни ја даваа во текот на целата сезона“, нагласи популарниот Тане.
„Вардар е мојот живот и уште од мали нозе сум приврзан за овој клуб. Договорот ми истекува и доколку најдеме што би се рекло народски, заеднички јазик со управата за продолжување на соработката, секако дека би сакал да останам овде. Ако постои таква желба и кај раководните структури, јас што се однесува до мене им стојам на располагање. Во спротивно, да сме живи и здрави, животот продолжува понатаму. Пак ќе повторам, мојот живот почна во Вардар и тука сакам да ја завшрам кариерата. Меѓутоа, конечната одлука не зависи само од мене“, искрено резимираше Таневски, во својот завршен коментар.