Фудбалската “Јуниор“ лига е нешто најново на Балканските простори. Токму кај најголемиот клуб во Македонија се роди идејата да се организра лига, во која ќе можат да се натпреваруваат сите фудбалски школи од цела Македонија. Целта на една ваква лига е да се зголеми желбата кај самите деца да се занимаваат со овој спорт и да им се даде повеќе можност да ги покажат своите квалитети. Најдобрите деца ќе бидат препознавани од страна на тренерите и скаутите во Вардар, на кои ќе им се даде можност да го носат црвено-црниот дрес. Едно од тие момчиња, кој успеа преку “Јуниор“ лигата да заигра за Вардар е Охриѓанецот Дамјан Ќосески, кој дојде од екипата на Еврофудбал. Во следниов текст ќе ве запознаеме со ова надежно момче, кој ќе не запознае со неговите први почетоци со фудбалската топка, љубовта кон овој спорт и за впечатоците од “Јуниор“ лигата.
-Со фудбал почнав да се занимавам од мојата шестта година на иницијатива на мојот татко бидејќи бев многу хиперактивно дете и моите одлучија на овој начин правилно да ја потрошам енергијата. Секако дека фудбалот беше моја прва желба а главната причина за тоа е мојот прв идол Роналдињо. Започнав да тренирам во клубот Еврофудбал од Охрид, под водство на тренерот Аце Велјаноски на кого му сум бескрајно благодарен. Во фудбалот преферирам тимска игра, а мојата визија за успех во фудбалот е никогаш да не се откажувам и напорно да работам на тренинзите, бидејќи сум сигурен дека само тоа ќе ме донесе до успех.
На кампот кој се организираше во месец август минатата година, беше присутен и Дамјан, кој беше бурно следен од тренерот на генерација “2003“, Ане Андовски кој се реши да му даде шанса да игра за неговата екипа. Ќосески игра најчесто на средината на теренот, со многу задачи поставени од тренерот Андовски. Речиси го има секаде по теренот, играч кој многу се движи и упатува прецизни топки до своите соиграчи. Знае многу често да се уфрли во нападот и да се запише во листата на стрелци. Сезоната ја заврши како шестти најдобар стрелец, со вкупно 9 постигнати голови.
-ФК Вардар имаше организирано летен камп во Дојран, јас се пријавив во тој камп и таму трениравме пет дена. Во тие пет дена ме забележаа тренерите од ФК Вардар. Се сеќавам дека тренерот Ане Андовски ме праша дали сакам да играм во Вардар. Јас веднаш се согласив, ама сепак му реков да почекаме додека не разговарам со моите родители. Што се однесува до “Вардар Јуниор“ лигата за мене претставува одличен проект, бидејќи со тоа можат да дојдат квалитетни деца во нашата генерација, со кои заеднички би напредувале во остварување на нашата заедничка цел. Исто така запознав многу нови деца со кои сега се дружиме и надвор од теренот. Само позитивни впечатоци остава оваа лига, која ја организира фудбалскиот клуб Вардар.
Сигурно желба на секое дете е да заигра во најголемиот клуб во Македонија, а таа е многу поголема кога имате можност да работите со голем стручњак како Андовски.
-Преминувањето во ФК Вардар за мене значи многу, бидејќи тоа е фудбалски бренд број еден во Македонија, а да не го заборавам да го спомeнам и мојот тренер Ане Андовски со кој многу напредував во текот на цела оваа година во ФК Вардар.
Генерација која оваа сезона можеби покажа најдобар фудбал, сепак на завршниот турнир немаше среќа. Сепак во сеќавање ќе останат добрите игри на младите Вардарци, кои се надеваме дека ќе продолжат и во наредната натпреварувачка сезона.
-Во детската лига постигнавме голем успех. Во првата полусезона постигнавме 54 голови а примивме само еден и бевме први на табелата без ниту еден пораз. На почетокот на втората полусезона имавме мала криза, немавме победа на три последователни натпревари, но сепак ние повторно се издигнавме и почнавме да играме со нашата препознатлива игра со што победувавме и стигнавме до завршницата. На завршниот турнир во Скопје несреќно изгубивме од екипата на Постолов Пандев од Штип, имавме многу шанси но не ги искористивме. Среќата беше во прашање, а таа беше на нивна страна.
Со напорна работа, труд и верба во себе се стигнува до врвот. Такво е размислувањето и на младото момче од Охрид.
-Секојдневно размислувам на таа тема. Моите планови се секојдневно напорно да тренирам, да ги слушам советите од моите тренери бидејќи само тие знаат како да напредувам, во иднина се гледам во дресот на репрезентацијата на Македонија и во некој голем фудбалски клуб, изјави Дамјан Ќосески за нашиот сајт.
Звонко Ивановски