Изминатиов викенд се одигра првото пролетно коло во првенството на младинските фудбалски категории. Кадетите на ФК Вардар на стартот на пролетниот дел имаа гостување во Струмица на екипата на Академија Пандев. Црвено-црните испуштија можност да освојат три бода и да се најдат на првото место на табелата. До 84 минута имавме водство од 0:1 со голот на капитенот Дејан Маркоски, но во последните пет минути од дуелот домашниот тим успеа да го израмни резултатот на 1:1, што на крај беше и конечен. Тренерот Колев жали за пропуштените шанси, но вели дека борбата за титулата продолжува.
-Во Струмица секогаш е тешко да се победи. Голема борба се водеше за време на целиот натпревар каде двете екипи беа желни за триумф. Имавме повеќе од играта посебно во второто полувреме, каде вистинско чудо е како можевме да нереализираме голем дел од шансите, посебно при наше водство од 0:1.
По завршување на првото пролетно коло нашите кадети остануваат на второто место на табелата со еден бод заостанување зад Работнички, кој исто така одигра со нерешен резултат на стартот на пролетниот.
Во секој случај ова е само почеток на пролетниот дел и борбата за титулата продолжува и понатаму. Веќе од денес се фокусираме на следниот натпревар, а тоа е дуелот против Пелистер кој се игра на наш терен, изјави Влатко Колев за нашиот сајт.
Звонко Ивановски