Се бројат полека деновите до почетокот на решавачкиот натпревар од второто квалификациско коло, во најголемото натпреварување. Како одминуват деновите, се повеќе се вжештува атмосферата пред овој важен натпревар за Вардарци. Навивачката група Комити, полека се мобилизира и се собира во голем број за овој меч. Како и што најавуваат самите, време е да се наполни арената до врв и да се почуствува вистинската поддршка за клубот. Во пресрет на натпреварот со Апоел во вторник, Комити Скопје излегоа со свое соопштение, кое гласи:
Спектакл во најава, шанса на деценијата за влез во некоја групна фаза од Европските натпреварувања. Со минување на втората рунда, не очекува полесен противник во наредната (победникот од Мидтјиланд-Линколн) и голема шанса да се пласираме барем во групите од Лига Европа. Потешката задача за нас е да го елиминираме Кипарскиот противник во вторник.
Градскиот стадион одамна зјае празен на дуелите во домашното првенство, а фудбалерите никогаш не почувствувале толкав ветер во грб како нашите ракометари кои често играат пред полна сала.
Сме биле сведоци дека во далечното минато во Скопје пред пеколна атмосфера можел да падне секој тим од соседството, а во ракометот само сме го потврдиле тоа. На Вардар му е потребно нашето 90 минутно навивање, да направиме атмосфера која гостите никогаш нема да ја заборават и која со години ќе се прераскажува. Време е за будење од апатијата која не има зафатено во последната деценија, време е сите оние кои го поддржуваат Вардар без разлика на возраста и местото на живеење, да дојдат на Градски и да дадат безрезервна поддршка на клубот. Облечете се во боите на клубот, нека доминира црвено-црната боја, и придржувајте се до правилата на групата кога ќе влезете на трибината.
Еуфоријата не смее да спласне во наредните денови, повикувајте ги сите на кои им значи нешто овој клуб, да бидеме дел од испишувањето на нова страница во историјата на нашиот клуб, заедно да покажеме како се бодри гордоста на Скопје и Македонија! Походот кон рушењето на противниците кои уште повеќе го разгореа огнот со провокациите од првиот дуел, ќе започне од соборната црква.
Собирот е од 17 часот во Соборна и таму ќе се продаваат картите за западната трибина. Со картите ќе можете да купите и нова маица од Комити.
СИТЕ НА СТАДИОН, ВАРДАР ИГРА!!!