Три Вардарови генерации изминативе денови се наоѓаат во Дојран, каде ги одработуваат своите подготовки пред почетокот на пролетниот дел од сезоната. Утрово свој натпревар одиграа помладите пионери на Фк Вардар предводени од тренерот Сашо Јанев. Тие за противник ги имаа своите врсници од екипата на Академија Пандев, кои ги победија со минимален резултат од 1:0. Дождливиот терен не дозволуваше да се игра добар фудбал, затоа и не беа постигнати повеќе голови. По првото полувреме резултатот остана оној почетниот, иако Вардар имаше неколку прилики да ја затресе противничката мрежа. Подобрата игра на нашиот тим дојде до израз во вториот дел, кога со единственикот погодок на овој меч на Давид Астарџиев успеавме да го скршиме отпорот на противникот. Ова е втора победа за оваа генерација на контролните натпревари во Дојран, откако во четвртокот бевме подобри од Беласица (4:0).
Втори на теренот во Дојран излегоа пионерите на Сашо Тодоровски и втората екипа на кадетите. Поуспешна беше првата екипа на пионерите, која забележа триумф со резултат 4:1. Марко Ѓорѓиевски продолжува да ги тресе мрежите, на овој натпревар повторно беше најдобар стрелец, постигнувајќи два погодоци. Инаку ова е вкупно деветти негов погодок на последните три контролни натпревари за Вардар.По еднаш во листата на стрелци се запишаа Кренарт Дардлиша и Саит Битиќи. Натпреварот им послужи на двете екипи за воигрување на некои акции, но и шанса за настап на играчите кои имаат помала минутажа во првенствените натпревари.
До крајов на денот, контролен натпревар ќе одигра и првата екипата на кадетите предводена од Влатко Колев. Противник за црвено-црните ќе биде екипа која доаѓа од Бугарија. Утре напладне Вардаровите генерации ги завршуваат подготовките во Дојран и ќе се вратат во Скопје.