Попладнево Вардар стигна до уште една победа во ПМФЛ. Нашиот тим лесно и убедливо го победи домашниот тим на Македонија ЃП со резултат 0:5 (0:2). Стрелци на головите за нашиот тим од овој натпревар беа: Попов, Хамбарџумјан, Барсегјан, Блажевски и Спировски.
Вардарци по првиот дел дојдоа до два голови предност. И двата погодоци паднаа преку корнери кој ги изведе Фелипе. Најпрвин, први на мечот се обидоа домаќините преку Аломеровиќ, но неговиот удар Гачевски лесно го одбрани. Потоа во 13 минута Вардар ја имаше првата посериозна закана преку Барсегјан кој се обиде со удар од непосредна близина но високо над голот на домаќинот. По вторта посериозна шанса дојде и голот за нашиот тим. Во 15 минута Фелипе нафрли од корнер, топката ја расчисти Јакимовски, но таа дојде само до Попов кој биеше прецизно со глава за 0:1. Во 24 минута Вардар ја зголеми предноста на 0:2. Повторно Фелипе нафрли, топката стигна до Хамбарџумјан кој со еден прецизен удар ја смести во мрежата на Целески.
И во вториот дел продолжи доминацијата на Вардар. Најпрвин во 46 минута Блажевски имаше добра шанса да зголеми на 0:3, но неговиот удар го одбрани голманот на домаќините Целески. Во 53 минута од мечот Вардар зголеми и на 0:3. По една акција Џигаури додаде до Барсегјан кој од 15-сетина метри стрелаше прецизно за 0:3. До 59 минута се чекаше за четвртиот гол на Вардар. Џигаури одлично го пронајде Блажевски кој избегна една офсајд замка и стрелаше за 0:4. Во 80 минута беше досуден пенал за домаќинот. Аломеровиќ ја зеде топката и биеше, но одлично одбрани и спречи гол за домаќинот Гачевски. Во 88 минута Спировски стави точка на средбата, со еден одличен лоб удар зголеми на 0:5.