Лука Стојковски е првиот голман во фудбалскиот клуб Вардар, кој со само 14 години има дебитирано за младинската екипа на клубот. Лука е редок пример за голман кој е “верен“ на црвено-црниот дрес, кој со успех и голема љубов го носи веќе петта година. За овој период, Лука доаѓа секој ден од Куманово и нема пропуштено ниту еден тренинг за својата генерација “2003“. Последниве две години на три пати добива повик од академијата на ФФМ да биде дел од нив, но младиот голман децидно и одлучно решава да остане во Вардар. Верноста ја препознаа и тренерите од младинските екипи на Вардар, кои викендов му дадоа шанса да биде дел од кадетскиот и младинскиот состав на Вардар. Иако беше на клупата за резервни играчи немаше можност да застане на голот за кадетите во дуелот со Академија Пнадев, но Лука беше дел и од младинскиот состав истиот ден и против истиот противник. На овој меч, црвено-црните славеа убедливо со 5:1, а Лука доби шанса од тренерот Ѓорѓиевски во последните десет минути да застане на голот на младинците. Притоа имаше и еден сериозен удар кон неговиот гол, кој Лука го скроти и не дозволи погодок во неговата мрежа.
За нашиот сајт, Стојковски ги сподели впечатоците и моментот кога доби шанса да биде дел од младинската екипа на Вардар:
-Чувството е неверојатно бев многу возбуден и среќен што станав дел од младинскиот тим со само 14 години. За мене ова претставува голем поттик за напорна понатамошна работа, а воедно и одговорност да ја оправдам довербата на тренерите. Секако дека во иднина очекувам повик и нови настапи за кадетите и младинците, а моја задача е да сум одговорен и дисциплиниран. За моите успеси и нови подвизи неизмерно им се заблагодарувам на тренерите. Голема благодарност и до стручниот штаб.
Од срце му посакуваме на Лука уште многу настапи за повозрасните младински екипи на Вардар и еден ден да го видиме и на голот на првиот тим на најголемиот клуб во Македонија.
Звонко Ивановски