Денеска се одигра 18 коло во првенството на младинските фудбалски категории. Помладите пионери веќе ја завршија својата работа, совладувајќи ја убедливо екипата на Милано со резултат 4:1. Најдобриот стрелец на оваа генерација, продолжува безпрекорно да ги треси противничките мрежи. Тимот на Милано беше тимот што настрада од неговите голгетерски можности. Сите четири погодоци беа запишани зад името на Марко Ѓоргиевски.
Одлично време за игра и услови на теренот на Локомотива, каде се одигра овој дуел. Избраниците на Сашо Тодоровски ја најавија победата, уште по првиот дел кога на одмор се замина со предност од 2:0. Во второто полувреме, црвено-црните не запраа со своите напади кон голот на противникот. Тоа резултираше со уште еден погодок за 3:0. Гостите утешно намалија на 3:1, при еден скратен корнер успеаа да постигнаат почесен гол. Марко со уште еден погодок во продолжение само ја потврди високата победа на оваа генерација. Забележана е шестата победа во низа за оваа генерација на Вардар.
Ова се многу важни три бода во борбата за Шампионската титула. Се очекуваат резултатите на двата конкурента Шкупи и Шкендија, за изгледот на табелата по ова 18 коло. Во следното коло, Вардарци гостуваат во Струмица, на тимот на Турново.