Со огромен пресврт во играта во второто полувреме, младинците на ФК Вардар успеаа да стигнат до триумф, во дербито против екипата на Академија Пандев. Овој меч се одигра на теренот на академијата и заврши со убедлива победа на црвено-црните со резултат 5:1. Гостинската екипа прва го отвори резултатот, но Вардар до крајот на првиот дел успеа да го израмни резултатот. Во вторите 45 минути гледавме еден поинаква екипа на теренот, како што му доликува на Вардар. Избраниците на Петар Ѓорѓиевски имаа фуриозен старт кога дадоа два гола, а до крајот на дуелот постигнаа уште два нови за голема победа. На овој меч капитенската лента ја носеше Ване Милковски, тоа е играчот кој на почетокот на оваа сезона пристигна токму од екипата на А.Пандев. Во целост ја оправда довербата на тренерот Ѓорѓиевски и може да се каже дека беше прав диригент на играта на Вардар во победата против неговиот поранешен тим. Тој за нашиот сајт ги сподели впечатоците од победата.
-Најпрво бев забележан од страна на тренерот на кадетите В. Колев кој ме повика на проба и така се случи да дојдам во ФК Вардар. Секогаш мотивацијата е на повисоко ниво кога играш против клубот каде што си израснал и си ги стекнал првите фудбалски искуства. Во првото полувреме имавме доста тежок натпревар, ни требаше малку повеќе време да ја наметнеме нашата игра со која во второто полувреме го надигравме противникот и тоа резултираше со убедлива победа.
На овој меч играше на позицијата стопер, иако најчесто игра на средината на теренот. Капитенската лента е голема одговорност, но и чест да ја носиш на црвено-црниот дрес.
-Стоперската позиција не е моја природна позиција, но во неколкуте одиграни натпревари на таа позиција добро се снаоѓам. Овој натпревар беше од посебно значење за мене бидејќи ја носев капитенската лента и му се заблагодарувам на тренерот П. Ѓорѓиевски кој за кратко време стекна доверба во мене и ми ја даде капитенската лента која што претставува голема одговорност за мене.
Милковски очекува дека оваа сезона ќе ја освои двојната круна со Вардар и нарената сезона ќе игра во лигата на шампионите.
-Задоволен сум од својата игра и од играта на целата екипа, а тоа го покажува и самата убедлива победа. Целите на младинците се знаат за оваа година, двојна круна и играње во ЛШ.
Звонко Ивановски