Денес на теренот со вештачка трева во населбата Ѓорче се одигра пријателски натпревар помеѓу младинците на Фк Вардар и екипата на Љубанци, која е лидер во втората Македонска фудбалска лига. Мечот заврши со победа на Љубанци со резултат 2:0.
На овој дуел гледавме две различни полувремиња на нашите младинци, кои беа многу поактивни и поразиграни во првите 45 минути. Црвено-црните беа тие што го диктираа темпото на игра во првиот дел, најчесто напаѓаа од десната страна преку Андреј Ричков и Александар Трајчевски. Најубавата шанса за погодок ја имавме во 32 минута, кога Ердон Даци биеше во добро поставениот голман на противничкиот тим. На одмор се замина со почетниот резултат 0:0.
Сепак поголемото искуство и зрелоста на Љубанци дојде до израз во вториот дел, кога успеаа да постигнат два гола и да забележат триумф на овој контролен натпревар. Љубанци дојде во водство со среќен погодок, кога со удар од некаде 20-сетина метри, топката од стативата мавна во нововлезениот голман Зибери и заврши во голот. Вториот гол беше постигнат некаде во 82 минута, за поставување на конечниот резултат од 2:0. Во второто полувреме, избраниците на Љупчо Марковски се повлекоа и играта воглавно се одвиваше на нашата половина. Сепак ова е добар резултат за нашите надежи, ако се земе предвид дека игравме со моментално првопласираниот тим во втората фудбалска лига, кој е голем претедент од следната сезона да го гледаме во ПМФЛ.
Стартни 11 за Вардар: Ѓорѓиоски, Исмаил, Ричков, Јошевски, Кремчевски, Додевски, Беќири, Трајчевски, Даци, Тасевски, Апостоловски.