Младинците на ФК Вардар се освојувачи на Купот на Македонија, во натпреварувачката 2011/22 сезона. Попладнево на стадинот „Билјанини Извори“ во Охрид, нашите млади надежи во големото финале, минимално со резултат 1:0 ја победија екипата на Шкендија.
Повторно се покажа храбар потегот на Милан Илиевски-Мичка во стартниот состав да игра со шест играчи кои се генерација 2005, всушност овие играчи го понесоа и товарот во пролетниот дел од сезоната. Одлучувачкиот момент се случи во 8.минута кога мрежата на Шкендија ја затресе Никола Величковски, за водство од 1:0. Ова момче навистина игра одлично сезонава и дефинитивно во новата сезона треба да биде прекомандуван во сениорската екипа на Вардар. На голот претходеше одлична дијагонална топка од стоперот Стојилевски, кој го проигра Величковски, овој излезе сам на сам со голманот кој успеа да го совлада со лоб удар за отварање на резултатот.
Никола Величковски лесно можеше во вториот дел да го зголеми резултатот, но немаше среќа кога ја погоди само пречката од голот на противникот. Имавме уште неколку обиди кон голот на тетовчани на овој натпревар, кои останаа нереализирани. Шкендија исто така имаше некои удари кон нашиот гол, но денес Лука Стојковски не дозволи да биде совладан. На крајот Вардар славеше победа со резултат 1:0, доволно да стане освојувач на Купот за младинци.
Вардар: Лука Стојковски (К), Давор Серафимов, Филип Ѓоргиевски, Марко Стојилевски, Нијаз Јусуфи, Ѓорѓи Дошев, Никола Величковски, Славче Живков, Стефан Стојановски, Горјан Цветков и Симеон Здравковски.
Играа уште и Дарко Трпезановски, Абдулах Хасани, Филип Јовановски и Мартин Илиевски.