Младинските екипи на фудбалскиот клуб Вардар на 21.јануари ( вторник) ќе означат старт на подготовките за пролетниот дел од сезоната.
Со оглед дека некои од играчите се наоѓаат на подготовки во Анталија со првиот тим, како и со младинските репрезентации, некои од генерациите на Вардар нема комплетни да ги започнат зимските подготовки.
Помладите пионери својот прв тренинг ќе го одработат без пет свои играчи, кои се наоѓаат со селекцијата до 16 години на меѓународен турнир во Турција. Се работи за Тасев, Павлески, Љушев, Јаневски и Гуџуфи, кои можеби ќе ги пропуштат првите два дена од стартот на подготовките.
Пионерите ќе започнат без својот најдобар стрелец, Георг Стојановски кој исто така е дел од репрезентацијата до 16 години, на споменатиот турнир во Турција.
Најмногу некомплетни ќе бидат кадетите на Вардар. Од оваа генерација голем дел од играчите се наоѓаат на подготовките во Анталија со првата екипа. Се работи за Ѓурковски, Игнатов, Манасиевски, Омерагиќ, Радуловиќ-Величковиќ, Петејчук и Крстевски. Тие се до 3.февруари ќе бидат во Анталија, по што ќе се вратат во Скопје, па ќе биде познато со која екипа ќе продолжат во пролетниот дел од сезоната.
Кај младинците единствено ќе недостасуваат, Дамјан Трајановски и Матеј Андов, кои се на подготовки со првата екипа. Останатите играчи ќе се стават на располагање.
Комплетни се очекува да бидат генерациите 2005 и 2006, предводени од тренерите Зоран Петковски и Филип Спасески.
На 21.јануари своите подготовки треба да ги започнат и „петлињата“ на Вардар. Тука единствена промена ќе има на тренерското место кај генерацијата 2010, после заминувањето на Влатко Колев. Се уште не е познато кој ќе биде негов наследник, иако како алтернатива се споменува поранешен играч на ФК Вардар.