Конечно, вчера на тренинг центарот во населбата Хиподром, старт на подготовките означи и Шампионот на Македонија.
Тимот на ФК Вардар малку подоцна од останатите го имаше првиот собир, а шефот на стручниот штаб, Александар Васоски започна со сите расположиве сили кои ги има во моментов. Негови помошници во овој дел од подготовките ќе бидат Никола Глигоров, Златко Таневски и Филип Ивановски, додека Саша Илиќ останува тренер на голманите. Дел од Вардар не се веќе помошникот, Раденко Бојовиќ и кондициониот тренер, Михајло Костиќ.
Од староседелците во тимот останаа поискусните Јован Попзлатанов, Матеј Цветаноски, Дарко Мицевски, Филип Илиќ, Филип Најдовски, Фитор Реџепи, Давид Велковски и Бојан Колевски. Ги нема ниту младите Џемал Ибиши, Марио Младеновски, Бојан Димоски и Али Адем, додека Вардар ќе го напуштат и Леонид Игнатов и Азер Омерагиќ, играчи кои изминатава сезона настапуваа за кадетите на Вардар, а на некои натпревари беа и во составот на првиот тим.
Нови засилувања за Вардар се Дејан Блажевски-Шиле, потоа Филип Петковски, Виктор Велковски и Бојан Најденов, кои треба да донесат свежина за екипата која ја напуштија голем дел од искусните играчи.
Со екипата ќе тренираат и голем број на играчи од младинската школа, очекувано откако екипата ја напуштија неколку играчи. Мартин Радуловиќ-Величковиќ, Анатолиј Петејчук, Александар Ѓурковски, Петар Гугуљанов, Виктор Крстевски, Филип Андоновски, Дамјан Трајановски се играчите кои се родени 2002 година, тука се и голманот Матеј Андов и Филип Манасиевски кои се генерација 2001.
Од најмладите играчи со клубот ќе тренираат и Георг Стојановски (2004) и Грегори Давков (2003) година. Новата сезона во ПМФЛ стартува на 9.август со дуел против екипата на Борец.