Напорната работа и труд исплива на површина на турнирот во Сандански (Бугарија). Во периодот од 17-21 февруари нашите млади фудбалски надежи надежи родени 2004 година беа дел од силен меѓународен турнир. Во конкуренција на десет екипи, вклучувајќи ги и двата најсилни Бугарски тимови, Вардарци на крајот го освоија првото место. Избраниците на Филип Арсовски покажаа квалитет, моќ, зрелост но пред се карактер, кои ретко кои деца на таа возраст можат да го поседуваат. Со вкупно 23 постигнати голови и само 2 примени, црвено-црните повеќе од заслужено се најдоа на тронот. Беа забележани пет победи и еден пораз и тоа оној во групата, кој не влијаеше за пласманот во полуфиналето.
Тргнавме со две големи победи на турнирот и најавивме дека треба сериозно да се смета на нас. Серијата ја продолживме со триумф против екипата на Топ Тим од Охрид, кој немаше многу шанси да се надигрува со нашите момци. Во последниот меч од групната фаза за првото место се сретнаа двете најдобри екипи. ЦСКА Софија беше првиот посериозен противник за нашите млади надежи. Овој дуел заврши со триумф на силната ЦСКА со резултат 3:1, која заврши на првото место во групата, додека Вардар беше второпласиран. Натпреварите од групата веќе беа минато за Вардарци, дојде последниот натпреварувачки ден, кој требаше да ги даде патниците во големото финале. Бугарските медиуми уште пред да стартува турнирот најавуваа финале помеѓу нивните најсилни младински школи и екипи, сепак се најде екипа која неочекувано ги “замрсе“ нивните сметки. Ваквите најави станаа уште посилни кога беа познати двојките за полуфиналето. Вардарци ги вкрстија “копјата“ со Левски, додека ЦСКА Софија беше апсолутен фаворит во другиот полуфинален натпревар.
Предводникот на Вардарци, Филип Арсовски како да не ги отвори сите карти на натпреварите во групната фаза и навести дека со сите сили ќе се бори да влезе во големото финале. Златното момче Георг Стојановски ги “олади“ Бугарите и со својот трет хет-трик на турнирот ги откажа Левски. Противникот си замина со наведната глави, како да не очекуваше вакво издание од наша страна, па беше принуден спортски да ни честита. Немаше многу одмор за црвено-црните, кои во истиот ден после само неколку часа требаше да го одиграат и големото финале. ЦСКА Софија повторно беше наш противник, но овој натпревар имаше посебно значење, а влогот беше многу поголем отколку на одиграниот меч во групната фаза. Иако не им се исполни желбата да гледаат домашно финале, организаторот се надеваше дека ЦСКА Софија ќе го обели образот на својата нација и ќе го освои првото место. Податокот дека оваа екипа имаше дури 90 последователни победи, фаворитската улога се препушти на ЦСКА.
Нашите млади момчиња беа свесни за предизвикот кој стои пред нив, но со голема верба во себе го започнаа овој меч. ЦСКА започна фуриозно, но како одминуваше натпреварот Вардар стануваше се подобар со поголема контрола на играта. Само еден погодок го реши шампионот во оваа генерација. Повторно на сцената стапи Георг Стојановски, кој ја затресе противничката мрежа и донесе трофеј на својот тим. Прогнозите на Бугарските медиуми не се остварија, Вардар во еден ден направи голем подвиг поразувајќи ги нивните најсилни екипи. Голема радост за младите Вардарци, кои во тој момент беа во центарот на вниманието кај присутните гледачи. На крајот беше доделен трофејот, медалите и наградите за најдобрите поединци. Главните признанија паднаа во рацете на нашиот тим. За најдобар голман беше прогласен Стефан Тасев, додека убедливо најдобар стрелец е Георг Стојановски. Ова надежно момче постигна дури 12 голови, а на три пати со хет-трик го завршуваше натпреварот.
Ова се златните Вардарови момчиња кои ги бранеа црвено-црните бои на турнирот во Сандански: Стефан Тасев, Васко Василев, Никола Павлевски, Марио Ричков, Сандро Каровски, Никола Анчевски, Игор Јаневски, Давид Љушев, Димитар Стоимов, Стефан Стојановски, Огнен Здравковски, Горазд Попов, Георг Стојановски, Теодор Перковски, Лука Ивановски, Марио Сурлов, Исмет Хајдари и Максим Милошевски.
Звонко Ивановски