Дури 12 играчи од редовите на Академијата на ФК Вардар, во текот на вчерашниот ден имаа настапи со своите младински репрезентации.
Македонската селекција до 15 години која е предводена од Добринко Илиевски вчера на тренинг центарот „Петар Милошевски“ го одиграа првиот од двата контролни натпревари против селекцијата на Полска. Македонија славеше на првиот меч со резултат 2:1, а стрелец на двата гола беше токму напаѓачот на Вардар, Бесар Гуџуфи, кој после четирите постигнати голови во дербито со Работнички, својата голеада ја пренесе и во националниот дрес, во кој ја донесе победата на Македонија. Тој беше единствениот стартер од вардаровите играчи, додека настап во второто полувреме забележаа и Јаневски, Милошевски и Павлески.
Македонската репрезентација до 16 години го освои првото место на развојниот турнир во Скопје. Избраниците на Горан Станковски триумфираа и на последниот меч, против селекцијата на Азербејџан, која ја совладаа со резултат 2:1. Повторно минутажа, добија сите играчи од редовите на Вардар. Се работи за Асани, Давков, Ѓорѓоски и Стојановски кој имаше прилика да се запише во листата на стрелци. На овој турнир, Македонија издвојува победи и во дуелите против Саудиска Арабија и Грузија и на двата меча со по резултат 2:0.
Пријателски натпревар во Охрид одиграа селекциите на Македонија и Албанија до 18 години. Избраниците на Горан Станиќ триумфираа со пресврт на овој меч, со конечен резултат од 2:1. Тројца играчи од Вардар беа во стартниот состав на Македонија, се работи за Бојан Димовски, Џемал Ибиши и Божидар Митревски, додека на клупата беше голманот Матеј Андов.