Изминатиов викенд стартуваше пролетниот дел од фудбалската “Вардар Јуниор“ лига која е во организација на најтрофејниот клуб во Македонија. Првиот пролетен турнир се одигра во Скопје, на теренот во населбата Јане Сандански. Честа да се приклучат во овој голем проект на фудбалскиот клуб Вардар, имаа неколку други екипи од различни градови. ФК Прилеп, Борец Јуниор (Велес), Рудар Јуниор (Пробиштип) и Ново Лисиче (Скопје) се новите учесници во Јуниор лигата. Ние како медиум кој паралелно ќе ги прати случувањата во оваа лига и истата ќе ја промовира, имавме можност да поразговараме со Тони Наумоски кој е тренер во младинската школа на ФК Прилеп и накратко ни раскажа за историјата на ФК Прилеп и неговата кариера како играч и тренер.
-Школата постои од 2000 година, значи 16 години како што функционираме. Клубот се натпреваруваше во младинската лига за пионери, кадети и младинци. Имаме освоено прво место и куп во пионерска конкуренција. Со фудбал се занимавам од својата десетта година. Како професионален играч настапував за Победа, Пелистер, Локомотив од Софија и Македонија Ѓ.П. После завршување на кариерата работам во младинската школа на фудбалскиот клуб Прилеп.
Наумоски го отпоздрави овој најнов проект на фудбалскиот клуб Вардар, каде го потенцираше големото значење на лигата за младите категории.
-Мора да напоменам дека се работи за голем проект на Вардар, пред се за младите категории, еден дополнителен мотив за повеќе да работат и да се докажуваат. Секако Вардар како најголем бренд и име кое е едно и единствено, на секое дете би претставувало желба да настапува за клубот.
Задоволството несомнено е големо во приклучувањето на ФК Прилеп во “Јуниор лигата“.
-Ние се натпреваруваме во регионалната лига и ова ќе ни претставува дополнителен мотив за работа со децата, како и за нивна афирмација и дружење со останатите од другите региони. Сигурно дека “Вардар Јуниор“ лигата многу ќе придонесе за нивниот понатамошен развој.
Неговите очекувања се да има пред се пријателство и дружба, но и можноста од лигата да произлезат деца кои во иднина би биле носители во некои од клубовите и секако Македонската репрезентација.
-Не ги познаваме доволно другите екипи, но квалитетот на овие младински екипи е тука некаде. Може да има некоја мала разлика, но ќе напоменам дека најважна е дружбата и од овие деца да излезат идни фудбалери за Македонската фудбалска репрезентација и за прволигашките клубови во нашата држава, изјави Тони Наумоски за нашиот сајт.
Звонко Ивановски