Sunday ,19 May 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-18 > Прв контролен натпревар за вардаровите кадети, без победник во дуелот со Кул
Прв контролен натпревар за вардаровите кадети, без победник во дуелот со Кул

Прв контролен натпревар за вардаровите кадети, без победник во дуелот со Кул

Кадетите на фудбалскиот клуб Вардар го одиграа првиот пријателски натпревар во подготвителниот период. Денес на комплексот во населбата Хиподром противник ни беше тимот на Кул, со кој одигравме без победник 4:4 (3:3).

1

Видовме дури осум голови на овој контролен натпревар кој на крајот заврши без победник. Вардар имаше предност од два гола, но сепак на крајот се бореше да избегне и пораз, иако во последните минути од натпреварот имаше и стопроцентна шанса, која остана неискористена. Јовановски беше играчот кој го имаше првиот обид кон противничкиот гол, кој успешно го скроти голманот на гостите. Отворивме подобро на овој натпревар, а Алтин Алији беше играчот кој ни донесе водство од 1:0, нашиот напаѓач доби топка во противничкиот шеснасетник, беше присебен и успешно реализира за отварање на резултатот. Вториот гол на натпреварот исто така беше наше дело, овој пат Горјан Цветков со силен удар од околу 25.метри успева да го совлада противничкиот голман за водство од 2:0.

2 3

Следеше период од натпреварот во кој дозволивме да примиме дури три гола и да ја загубиме предноста, имаше ситуации кога слабо реагиравме во одбраната, тоа му дозволи на Кул да поведе со 2:3 и да направи резултатски пресврт. Пред да стигне предноста на Кул, Никола Анчевски од 20 метри биеше погодувајќи ја стативата, добар удар на нашиот играч кој немаше среќа да се запише во листата на стрелци. Сепак пред крајот на првото полувреме успеваме да постигнеме гол и да израмниме на 3:3 преку Лука Неделковиќ.

Во вториот дел и двајцата тренери им дадоа шанса и на играчите кои натпреварот го започнаа од клупата. Противникот успеа да ја врати предноста и тоа со убав погодок на нашиот довчерашен играч, се работи за Димитар Стоимов кој го совлада нашиот голман со удар директно од корнер, за водство од 3:4.

4 5 6 7

Пред да биде израмнет резултатот, шанси имаа Анчевски, која остана без реализација, како и Лука Ивановски кој биеше над голот. Филип Јовановски беше играчот кој не дозволи да бидеме поразени, со негов убав погодок и удар од сигурно 25 метри израмнуваме на 4:4. Пред крајот на натпреварот истиот играч имаше убава шанса, откако се ослободи од голманот, биеше, но во последен момент еден од играчите на Кул се најде на вистинското место и речиси од гол линијата ја отстрани опаноста, за конечни 4:4 на овој контролен натпревар за вардаровите кадети.