Thursday ,21 November 2019
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Пом.пионери на ФК Вардар “најпријатно“ изненадување, пионерите “прокоцкаа“ уште една победа и останаа на една по шест одиграни кола
Пом.пионери на ФК Вардар “најпријатно“ изненадување, пионерите “прокоцкаа“ уште една победа и останаа на една по шест одиграни кола

Пом.пионери на ФК Вардар “најпријатно“ изненадување, пионерите “прокоцкаа“ уште една победа и останаа на една по шест одиграни кола

Изминатиов викенд се одигра шесттото коло во првенството на младинските фудбалски категории, во кои генерациите на ФК Вардар забележаа три победи и еден нерешен резултат, во дуелите со екипата на Пелистер. Во следниот текст ќе направиме анализа на играта и постигнатите резултати на пионерските екпи на ФК Вардар, по првите шест одиграни кола.

Најголемото изненадување оваа сезона се помладите пионери на Вардар, или генерацијата родени “2002“ година, за која ова е дебитанска сезона во првенството. Претходните две години тие завршуваа на второто место и тоа една сезона како вицешампиони во детската лига, каде во големото финале беа поразени од екипата на Академија Пандев, додека минатата во регионалната -скопска лига исто така завршија на втората позиција, веднаш зад екипата на Работнички, противник од кој ги загубија трофеите во лигата и купот на Македонија. Во дебитанската сезона во првенството по шест одиграни кола, нашите млади надежи се наоѓаат на врвот на табелата, каде имаат освоено 16 бодови, или пет победи, само еден нерешен резултат и се уште без пораз. Во првите три кола почнаа со Љупчо Марковски како главен тренер, кој реши да го напушти клубот и својата тренерска кариера да ја продолжи во Скопје, во ПМФЛ. Неговата успешна работа ја продолжи Сашо Тодоровски или популарниот Рап-Тап кој исто така се наоѓа во серија од три последователни победи со оваа генерација и паралелно ги води повозрасните пионери. Генерацијата на помлади пионери ја сочинуваат играчи кои беа дел од екипата и минатата сезона. Со мали промени во играчкиот состав, оваа генерација е моментално најдобрата од фудбалскиот клуб Вардар, кои се натпреваруваат во лигата и купот. Засилени со Антонио Мирков и Абдула Хасани кои беа прекомандувани од помладата генерација “2003“ како и со новото засилување од Металург, Стојановски, младите Вардарци сигурно “газат“ во првенството. На голот стандарден е Станковски, а најчесто после него веднаш се наоѓа “четворката“ задолжена за дефанзивата, стоперите Костовски и Крстевски, како и бековите Петејчук и репрезентативецот Али Асани. Главен организатор на играта кој може да се каже дека е “мозокот“ на тимот е Петар Гугуљанов, од кој започнува речиси секоја акција на Вардарци, а најчесто тој е последниот од кој завршуваат акциите на противниот. Главен дистрибутер на топки за своите соиграчи, но истовремено и главен “виновник“ што екипите од другата страна се принудени пред време да ги завршат своите акции кон нашиот гол. По средината на теренот покрај Гугуљанов, тука е Хасани, Трајановски и Стојановски, додека во офанзивниот дел задолжени за постигнување голови се Мирков, Омерагиќ, Салиу и Речица. Исто така се наоѓаме и во најдобрите осум екипи во купот на Македонија, откако во осминафиналето на гостински терен ја елиминиравме во еден меч екипата на А.Пандев. Утре на домашен терен ја пречекуваме екипата на Победа, која моментално држи чекор со Вардар, во борбата за првата позиција на табелата. Екипата од Прилеп по шест одиграни кола има максимални 18 освоени бодови, а Вардар може да биде првиот кој може да му нанесе пораз.

Со добри игри и резултати не можат да се пофалат повозрасните пионери, кои по шест одиграни кола имаат само една и единствена победа и тоа на гостински терен, кога во рамките на четвртото коло во Струмица ги совладаа врсниците од А.Пандев. Имаме дури и четири нерешени резултати, од кои дури на три натпревари имавме водство кое не успевавме да го задржиме до крајот, како и еден пораз. Така беше на стартот од сезоната во дуелот со Ренова, потоа на домашен терен против Шкупи, како и во минатото коло кога прокоцкавме предност од два гола. Главен проблем во играта на пионерите е слабата одбрана, која сигурно е една од најслабите точки во играта на пионерите. Ако се земе во предвид дека во повозрасните категории се прекомандувани Димоски, Илиевски, како и Ѓурковски ( сите репрезентативци), можеби тука лежи клучот за слабата игра на оваа генерација. Иако треба да се напомене дека Илиевски и Ѓурковски беа дел од составот предводен од Тодоровски на последното гостување во Битола ( Илиевски се запиша и во листата на стрелци), сепак тоа не беше доволно да се освојат трите бодови. Шанса во првите 11 доби и најновото засилување Филип Андоновски, кој на првите пет натпревари настапуваше за кадетите на Вардар. Не е најпријатно да се издвојуваат поединци, но ако веќе го споменуваме овој дел, сигурно дека голманот, Матеј Андов е еден од подобрите на теренот, кој често знае да ја сочува својата мрежа незатресена. Игнатов дава максимум на секој меч, иако игра во повозрасна генерација, како и крилото Хасановиќ, кој најчесто е најопасен играч кај пионерите, кој им создава најголеми проблеми на противнчките одбрани. Во средината тука е Ристовски кој игра променливо, како и новото засилување од Шкупи, Цури кој се обидува да се пронајде во играта на новиот тим. Доколку не се променат некои работи ( а незнам колку би можело да смени), оваа генерација на Вардар би можела најслабо да котира на крајот од сезоната, што се однесува до екипите на Вардар. Се надеваме на подобри игри и пред се поголема концентрација, која треба да се задржи во текот на целиот натпревар, со цел да се освојуваат што е можно повеќе бодови во продолжение од сезоната. Шанса за поправен “испит“ имаме веќе утре, каде на теренот на академијата во рамките на седмото првенствено коло сме домаќини на Победа од Прилеп.