Одличен ден за Вардаровата генерација “2006“, која денес на терените на ФФМ одигра натпревари со двете свои екипи, на кои забележа победи.
Вардар (1) го доби дербито со екипата на Албарса, инаку ова беше натпревар на финалистите од минатата сезона, кога посреќна во пенал рулетот беше Албарса, која славеше по изведување на удари од белата точка. Сепак на денешниот меч славеа Вардарци предводени од Сашо Јанев, со резултат од 4:3, иако според играта и шансите, требаше да биде победа изразена со многу поголема разлика. Уште на стартот наметнавме силно темпо на игра, а првото возбудување беше пред противничкиот гол, кога Галевски нафрли од десната страна, но прекраток во завршниот удар беше Голубов, кој за дел од секундата закасни на нафрлената топка. Во следната акција се обиде и Сековски кој шутираше, но одбрани голманот на Албарса. Прв обид и на противникот, но Данстак ја имаше својата прва интервенција. Сепак противничката екипа е прва која успева да го отвори резултатот и да поведе со 0:1. На голот претходеше лошо избивање од нашата одбрана, топката стигна до еден од играчите на Албарса, кој немаше проблеми да ја смести во нашата мрежа. Никако не не демотивираше негативата, напротив тргнавме уште поофанзивно кон голот. Се обиде и Голубов, кој бие само неколку сантиметри покрај голот на Албарса. Радоста на противникот не траеше долго време, кога Вардар успева да постигне гол и да го израмни резултатот на 1:1.
Од слободен удар директно во голот биеше Стефан Коловски, кој успева да го изненади противничкиот голман и да му донесе израмнување на својот тим. Може слободно да се каже дека среќата на овој натпревар не ни беше многу наклонета. Марко Николовски бие за малки покрај десниот директ од противнчкиот гол и резултатот остана непроменет. Повторно опасност пред голот на Албарса, кога бие Голубов, голманот одбрани и топката оди во корнер, кој беше трет, по што Вардар требаше да изведе удар од белата точка.
Истиот го шутираше Голубов кој ја погодува пречката од противничкиот гол, но одбиената топка стигнува до Михаил Николов кој ја погодува мрежата и за прв пат на натпреварот му донесе предност на Вардар од 2:1. Едноставно доминиравме на теренот и во секоја поглед на фудбалската игра го надмудривме противникот, кој делуваше безопасно и повлечен на својата половина.
Нов обид и за Сековски, кој бие над пречката од голот. Во листата на стрелци успева да се запише и Олег Трифуновски, кога во една мешаница додаде топка Голубов, истата еден од играчите на Албарса ја вметна во својот гол, но истиот го препишуваме на Трифуновски, кој се најде непосредно до играчот на противникот. За одбележување е и обидот на Галевски, кој заврши покрај голот. По првото полувреме резултатот е 3:1.
И во вториот дел,шансите за Вардар постојано се редеа пред голот на Албарса. Денес Николовски Марко немаше среќа да ја затресе мрежата, имаше два нови обиди, кои останаа без реализиција. Сепак успеваме да постигнеме четврти гол, откако беа направени три корни, а Дарко Сековски од пенал со силен удар под пречката од голот на Албарса, донесува предност од 4:1. Набрзина и Коловски можеше да им пресуди на противничките играчи, кога неговиот удар за жал завршува само во стативата. Албарса со погодоци два и тоа ги казни нашите пропуштени шанси и до крајот се избори за минимален, но и достоен пораз, на натпревар на кој не му беа ни од блиску рамноправни на Вардар. Сепак на крајот и повеќе од заслужен триумф за избраниците на Јанев. Радува добрата игра, со смислени и тренирани акции и со многу шанси пред противничкиот гол, но денес среќата не не сакаше многу. На крајот конечен резултат од 4:3.
Победнички ден имаше и Вардар (2), кој успеа да ги надигра врсниците од екипата на Работнички. Поради едно невнимание во противничката одбрана многу рано можевме да го отвориме резултатот на овој натпревар, но Танчев шутира само покрај голот. Удар и на Михајлоски, но голманот на Работнички е на своето место. Почетна иницијатива на Вардар, кој на стартот најави дека оди по освојување на сите бодови на ова дерби. Нови два обиди имаше Танчев, но поранешниот голман на Вардар, сега на голот на градскиот ривал, Мартин Ивановски ги брани ударите и не дозволува негатива за својот тим. Нови шанси и за Миовски и Михајловски, но резултатот е се уште непроменет. Сепак откако Работнички направи три корни, беше досуден пенал за Вардар, а него го реализира Максим Цониќ за предност на Вардар од 1:0. Се закани и противникот, со удар над нашиот гол. Постигнуваме нов гол и повторно од истото место, но сега досуден поради игра со рака. Повторно Цониќ прецизен, за зголемено водство од 2:0. Со овој резултат заврши првото полувреме.
Во второто полувреме први обиди имаа нововлезените Максим Митревски и Максим Кралевски, кои шутираат покрај голот. Врати и Работнички, но ништо опасно кон голот на Милошески. Хет-трик зад името на Максим Цониќ, кој со нов погодок му донесе водство на Вардар од 3:0. Имавме најголем дел од играта и не му дозволивме на Работнички да создаде ниту една посериозна шанса. Ние до крајот успеваме уште на два пати да ја тресеме нивната мрежа. Во листата на стрелци се запишаа и Михаил Танчев, кој погоди за 4:0 и Ангел Настевски за конечни 5:0 на овој натпревар.