Успешна сезона за генерацијата 2003 на ФК Вардар која успеа на крајот да ја освои двојната круна. На почетокот на сезоната оваа генерација ја засилија неколку играчи, односно повратници во Вардар, кои дојдоа од Академијата на ФФМ каде ги поминаа претходните две години. Еден од нив е и Андреј Стојчевски, кој реши да се врати во Вардар, а сигурно не погреши со неговиот избор. Се работи за играч кој беше стандарден во составот на помладите пионери и кој игра на средината од теренот. Несомнено, беше големо засилување за тимот и имаше важна улога во освојување на двата трофеи. Секако кога се работи за квалитетен играч и репрезентативец на Македонија, сигурно дека ќе имаш понуди и од други екипи, но Вардар е најголем спортски бренд во земјава, главната причина поради која Андреј повторно го носи црвено-црниот дрес.
-Имав понуди од други клубови, но сепак одлучив да се вратам во Вардар, бидејќи станува збор за најдобриот клуб во Македонија. И драго ми е што повторно го направив вистинскиот избор, се познавав и претходно речиси со најголем дел од екипата, па не ми беше проблем брзо да се вклопам во играта.
Помладите пионери станаа Шампиони на Македонија со голема бодовна предност пред останатите конкуренти. Во вториот дел од сезоната црвено-црните играа доминантно, забележувајќи 11 победи и само 2 нерешени резултати, период во кој и ја обезбедивме потребната разлика.
-Сезоната ја изигравме солидно, посебно издоминиравме во пролетниот дел кога имавме само 2 нерешени резултати а останатите победи. Секако дека го очекувавме крајниот резултат бидејќи работевме напорно со висок степен на дисциплина и соработка со нашиот тренер, кој позади себе има долга и успешна кариера која треба да ни претставува пример на сите нас.
Генерацијата 2003 оваа сезона беше предводена од млад тренер, кој имаше успешно деби во Академијата на клубот. Филип Деспотовски направи посебна „хемија“ во играта на вардарци, а Андреј е презадоволен од соработката со овој стратег.
-Деспотовски е човек кој секојдневно се труди да ни го пренесе своето знаење и искуство на најдобар можен начин. Сигурен сум дека со него и понатаму ке изиграме уште многу успешни сезони. Се работи за голем професионалец на теренот, но и наш голем другар надвор од него.
Вардарци на успешен начин ја заокружија сезоната откако го добија и големото финале од Купот, против екипата на Академија Пандев. Струмичани беа совладани дури после изведување на ударите од белата точка. Без разлика на се, Стојчевски вели дека неговиот тим го заслужил овој трофеј.
-Финалето на купот беше последна изиграна утакмица од сезоната, ние се трудевме да го дадеме нашиот максимум иако може не изгледаше така, сето тоа се должеше на нашиот замор од претходните натпревари во првенството. Но, сметам дека без разлика на последниот натпревар, ние заслуживме да го добиеме тој трофеј и тоа го докажавме по изведените пенали.
Стојчевски е репрезентативец на Македонија до 17 години. После пропуштени неколку натпревари, овој играч се врати во националната селекција, каде доби повторно повик од селекторот Станковски, за контролните дуели со Албанија.
-Се радувам на секој повик за националниот дрес. Мое мислење е дека на овие два контролни натпревари со Албанија ги докажав своите квалитети. Се надевам дека и во иднина ке добијам повик и шанса да настапам за националниот тим.
Очекувањата за новата сезона остануваат исти, а тоа е повторување на успехот и освојување на двата трофеи.
-Сигурен сум дека со нови напори и сили и соработка со нашиот тренер ќе го повториме успехот од претходната сезона, заврши Стојчевски.
Звонко Ивановски