И повторно Вардар се мачи во Купот на Македонија. На првиот натпревар од 1/8 финалето, црвено – црните одиграа само 1:1 (0:1) против тимот на Шкупи. Вардар одигра разочарувачко прво полувреме, во второто проба да се врати но не искористи неколку добри шанси за победа. Сега Вардар ќе мора да се вади на Чаир за пласман во 1/4 финалето.
Вардар првиот дел го одигра многу разочарувачки. Без идеја во нападот, без многу трчање, вака може да се опише Вардар во првиот дел во Ѓорче, тимот на Шкупи со една шанса дојде до гол и водство а потоа се затвори и умешно го чуваше резултатот. Во првиот дел на прсти можеа да се избројат сериозните шанси кои Вардар ги направи пред голот на Зендели. Глигоров во 25. минута биеше посредина на голот, а Зендели одбрани и исфрли во поле. Втората добра шанса ја имаше Џигаури во 28. минута, но наместо да ја прими топката биеше од волеј високо над голот. Згора на се и Глишиќ се повреди кон крајот на првиот дел, зачудувачки на негово место влезе во игра Муслиу а Новак се префрли на левата бековска позиција.
На стартот од вториот дел во игра влезе и Максимов на местото на Џигаури, па така Јаневски се префрли на формација 3-5-2. На стартот од вториот дел во две шанси се најде Итало но ниту една од нив не успеа умешно да искористи. Во 59. минута на еден случаен начин Вардар дојде до гол и изедначување, Барсегјан од левата страна се обиде да центрира, топката го измами Зендели и влезе во неговиот гол за 1:1. По голот, Вардар имаше голема иницијатива да дојде и до втор гол, во неколку шанси се најдоа Итало и Максимов но не ги искористија умешно. Во 74. минута во голема шанса се најде Велковски, за несреќа на Вардар ударот со глава заврши само во пречката на гостите. Во 76. минута во игра влезе и третиот џокер Стојков на местото на Исени. До крајот на натпреварот Вардар се обидуваше да стигне и до втор гол но не успеа.