Првото пролетно коло во детската лига го одигра и генерацијата 2008 на фудбалскиот клуб Вардар. За противник го имавме тимот на Сарај, кој го победивме со резултат 5:0.
Генерацијата предводена од Петар Георгиевски одигра одличен меч и заслужено на крајот стигна до триумф во дуелот со Сарај. Резултатот на овој натпревар го отвори Петар Блажевски, гол со кој успеавме да поведеме со 1:0. Црвено-црните имаа доминација и постојано го загрозуваа противничкиот гол. Следен кој се најде во прилика беше Коста Бошковски, кој после асистенција од Блажевски, биеше само крај голот на Сарај. Се закани и противникот, но на нашиот гол одбрани Марко Баснарков. Вардар успева во следниот период да го зголеми водството на 2:0. Најпрво од слободен удар биеше Бошковски, голманот за момент одбрани, но на одбиената топка наиде Шотаровски кој се запиша во листата на стрелци. До крајот на првиот дел ќе одбележиме уште една одбрана на Баснарков.
Имавме контрола на играта и во второто полувреме, додека Сарај речиси и да немаше посериозна шанса за постигнување на гол. Бојан Пешов беше играчот кој ја имаше првата голема прилика во вториот дел, но шутира само во добро поставениот голман на Сарај. Сепак истиов играч во следната акција не греши, и после одлично додадена топка од Бошковски успева да зголеми на 3:0. Нова одлична акција за момците на Георгиевски, повторно во улога на асистент се најде Бошковски, а овој пат реализатор е капитенот Блажевски, за водство од 4:0. На голот на Вардар во второто полувреме застана и Дарко Јовчев кој имаше неколку одбрани. Конечните 5:0 на овој дуел од детската лига со нов погодок ги постави Петар Блажевски, а во последните минути од дуелот шанса имаше и Шотаровски, но резултатот остана непроменет.