Генерацијата 2003 на ФК Вардар со пораз го заврши турнирот во Сараево, откако на третиот меч бевме поразени од екипата на МТК Будапешт од Унгарија, која славеше со резултат 4:1.
Мечот го стартувавме во следниот состав: Стојковски, Давков, Ѓоргоски, Сељанац, Јовановски, Давидовски (c), Ѓорѓиевски, Андрески, Хасани, Стојановски, Живков.
Во првото полувреме видовме еден гол кој го постигна противничката екипа и тоа со удар од белата точка. Во нашиот шеснаесетник фаул направи Сељанац, па судијата покажа на белата точка. Вардар ја имаше првата прилика на овој меч и тоа во првата минута од дуелот, се играше акција од десната стана, кога Живков уфрли топка, која стигна до Стојановски, овој бие од прва, но голманот на МТК одбрани и спречи негатива на својот тим. Шанса и за тимот од Унгарија, исто така од десната страна, уфрлена топка, еден од противничките играчи бие, но само крај нашиот гол. За разлика од претходните два дуели, избраниците на Деспотовски играа послободно, прикажаа подобра игра и креираа акции за загрозување на противничкиот гол. Имавме обиди преку Ѓорѓоски, одбрани голманот, додека Стојановски шутира крај голот.
За одбележување се и две одбрани на голманот Стојковски, а МТК имаше сериозна прилика од корнер да го отвори резултатот, нафрлена топка во нашиот шеснаесетник, противничкиот играч не чуван од никого биеше со глава од само неколку метри, за наша среќа крај голот. Пред да биде постигнат голот, обид имаше и Давков, кој бие во рацете на добро поставениот голман на МТК. Во последните пет минути од првиот дел, како што напоменавме направен фаул и досуден пенал, кој беше успешно реализиран од страна на МТК Будапешт, за предност од 1:0.
Измени на стартот на вториот дел кај Вардар. Во игра се Алими и Мирков, на местото на Јовановски и Давков. Токму нововлезениот Мирков ја имаше првата прилика, сакајќи да упати центар шут, ја погоди стативата од голот на МТК. После пет минути игра во вториот дел, тимот од Унгарија успева да постигне гол и да зголеми на 2:0. Во 54 минута, црвено-црните успеваат да постигнат гол и тоа евро гол на Георг Стојановски кој од слободен удар погоди во десниот голмански агол, голманот на МТК само со поглед го пропрати овој маестрален гол на Гео, за намалување на 2:1. Само три минути подоцна, екипата од Унгарија постигна и трет гол и го зголеми водството на 3:1. Како и на претходните два меча, тренерот Деспотовски шанса за игра им даде на сите играчи. На теренот ги видовме Трпезановски, Тасевски, Исмаиљи и Марковски. До крајот на мечот уште еден гол во нашата мрежа, за конечни 4:1 на овој последен меч на турнирот во Сараево.
Никако разочарување, ова е само едно големо позитивно искуство за оваа генерација на Вардар, која напоменавме дека на турнирот се натпреваруваше со екипи, кои се повозрасни една година.