Вардар продолжува со убавите вести денеска. Најдобриот голман во македонскиот шампионат Филип Гачевски, го продолжи договорот со Вардар до 2020 година. Ова значи дека популарниот Гача во Вардар ќе остане уште најмалку три сезони. Гачевски за ФК Вардар изјави:
„Кога Вардар ми понуди да бидам дел од овој клуб и во следните три години, воопшто не се мислев. Ги прифатив условите кои што беа одлични за мене. Благодарност до сопственикот на клубот г-нот Сергеј Самсоненко, до целокупното раководство, стручниот штаб и соиграчите за новата соработка. Останувам во клубот во кој што имам можност да напредувам, во секоја сезона да се борам за титулата, и да играм во квалификациите во Лигата на шампионите, каде што играат најдобрите. Во Вардар се работи максимално професионално и тоа е она што ме радува. Од година во година клубот се повеќе се развива. Среќен сум што сум дел од Вардар и што ќе останам и во следниот период. Мојот сон е да направиме успех во Европа, во Лигата на шампионите, и да се радуваме сите. Мислам дека после изминатите две сезони во Лигата на шампионите против АПОЕЛ и против Динамо Загреб, време е ова лето да покажеме кој е Вардар и колку вредиме. Во првенството амбициите се добро познати, тоа се двојна круна“, вели Гачевски.
„Зад нас е една успешна сезона, како за мене лично, така и за клубот. На секој натпревар давав максимум, и сакав да останам несовладан, а Вардар да победува. Мислам дека успеавме да дојдеме до посакуваната цел, до уште една шампионска титула. Можеби треба да жалиме само за Купот, меѓутоа тоа е веќе минато. Останува да се фокусираме сега кон подготовките за Лигата на шампионите. Ќе мора добро да се подготвиме без разлика на противникот кој ќе го добиеме во ждрепката. Верувам во оваа екипа и верувам дека во следните три години ќе го исполниме сонот на сите кои навиваат за Вардар, а тоа е пласман во групната фаза од едно европско натпреварување. Мислам дека тоа е можно ако се продолжи со ваквата работа во сите структури во клубот, а ние играчите ќе се обидеме да им вратиме со добри резултати“