Продолжуват добрите игри и победите за ФК Вардар (3) од генерацијата родени “2007“ година. Денес на терените на ФФМ, избраниците на Томче Трајановски стигнаа до вториот пролетен триумф, против екипата на Албарса, составена од играчи кои се родени “2006“ година.
Противникот немаше шанси против разиграниот Вардар, кој одигра перфектен меч. Првата прилика на натпреварот беше за Емир Шаботиќ, но голманот на Албарса стигна пред нашиот играч и не дозволи опасност. Уште во третата минута од мечот успеваме да го отвориме резултатот на 1:0, откако погоди Борјан Томовски за водство на црвено-црните. Истиов играч со својот втор гол денес му донесе предност на Вардар од 2:0, по што му дадовме до знаење на противникот дека нема што да бара на овој дуел и дека бодовите ќе останат кај нашиот состав. Повторно Томовски во обид кој со лоб удар го префрли голот на Албарса. Вардарци имаа иницијатива на теренот и не и дозволија на Албарса многу да се изнаигра, напиот голман, Лука Јаневски речиси и да немаше многу работа, што не беше случај со чуварот на мрежата на спротивната страна. Во продолжение од мечот во листата на стрелци се запиша и Емир Шаботиќ, кој го зголеми резултатот на 3:0. Дилемите околу конечниот победник ги разрешивме уште по првото полувреме, кога Стефан Младеновски со својот прв гол му донесе високо водство на Вардар од 4:0, откако претходно му асистираше Томовски. Конечно се обиде и противничката екипа, но одбрани Лука Јаневски. До крајот на првото полувреме за одбележување се уште и обидите на Младеновски, чиј удар го одбрани голманот, како и на Марко Киш кој шутира над голот.
Прв гол на мечот постигна и екипата на Албарса и тоа во второто полувреме, само за да го намали резултатот на 4:1. Сепак и во овој дел, ибраниците на Томче Трајановски беа подобри и постигнаа нови три голови. Во второто полувреме головите беа дело на Стефан Младеновски, Златко Радески кој погоди од пенал и на Петар Мицевски, за конечен резултат од 7:1.