Пионерите на ФК Вардар ја оправдаа фаворитската улога и славеа на домашен терен во дуелот со Македонија Ѓ.П. Мечот го одбележаа одбранетиот пенал на Јовчев и евро голот на Давков, за триумф на вардарци од 3:0.
Тренерот Коцески стартуваше со следниве 11-сетмина: Јовчев, Трпезановски, Сељанац, Ѓоргоски, Давков, Давидовски (c), Ѓорѓиевски, Тасевски, Андрески, Стојчевски, Живков.
Во првото полувреме видовме два гола и двата во мрежата на Македонија Ѓ.П. Вардар ги искористи своите две прилики и успеа на полувреме да има предност од 2:0. Најпрво видовме погодоко на Андреј Стојчевски, мајсторски со глава од нашиот играч, кој доби уште подобра топка од стоперот Ѓоргоски, а Стојчевски со глава од тешка ситуација успеа да го совлада противничкиот голман и да ни донесе предност од 1:0. Гледавме игра по средината на теренот, Вардар беше екипата која го диктираше темпото, иако мора да се напомене дека на овој меч бевме ослабени за неиграњето на тројца стандардни играчи. Се работи за најдобриот стрелец, Георг Стојановски, потоа Антонио Мирков и Дарио Јовановски, сите го пропуштија денешниот дуел поради картони. Сепак и со ваков состав бевме пресилни за гостинската екипа.
Пред да го постигнеме вториот гол, се обиде капитенот Давидовски кој шутира над голот, додека во следниот обид реализираме преку Славче Живков, кој беше најприсебен после создадената мешаница во противничкиот шеснаесетник, откако топка од корнер нафрли Давков, тоа беше предност од 2:0. Голманот на Вардар, Гоце Јовчев, немаше работа во првото полувреме, со оглед дека противникот немаше ниту една сериозна прилика кон нашиот гол.
Вардар имаше иницијатива и во вториот дел и заслиужено стигна до победата. Во овој дел од мечот видовме и евро гол на Грегори Давков кој погоди откосо од десната страна, вистинско голчиште на нашиот лев бек, кој милиметарски точно биеше во мрежата на Ѓорче, иако голманот се обиде да интервенира, немаше шанси да го скроти ударот, па топката заврши во голот, по што следеше голема радост на вардарци.
Пред да го зголемиме резултатот на 3:0, мора да се напомене дека нашиот голман, Гоце Јовчев одбрани удар од белата точка. Нашиот голман го прочита ударот на противничкиот играч, се фрли на неговата лева голманска страна и го одбрани пеналот. Вардар имаше добри прилики и преку Живков, кој најпрво ја погоди стативата, а подоцна и излезе сам очи во очи со голманот на Ѓорче, но не успеа да реализира. На крајот конечниот резултат гласеше 3:0. Во игра ги видовме Марковски, Саит и Исмаиљи.
Вардар со овој триумф ја намали негативата пред А.Пандев на само еден бод, кој дополнително треба да го одигра својот меч против екипата на Работнички, дуел кој беше одложен за викендов. Честитки до момците на Милан Коцески за прикажаната игра.