Нови две убедливи победи за најмладата вардарова генерација која е дел од детската лига. Момците родени 2010 година кои во лигата ги предводи Стефан Михајлов денес на терените на ФФМ славеа во дуелите со екипите на Беса и Работнички.
Вардар (1) уште по првото полувреме ги реши дилемите околу победникот, кога на полувреме имаше предност од 9:0 на натпреварот со Беса. Во вториот дел постигнавме уште нови пет голови, за на крајот да славиме убедливо со резултат 14:0. Стефан Ристиќ и Далибор Марковиќ постигнаа по 4 голови, додека Огнен Сивевски 2. По 1 гол на овој меч беа дело на Дарио Илиќ, Драган Гечев, Марко Јовановски и Матеј Чедевски. Ова беше седма победа за оваа екипа во детската лига.
Победа славеше и Вардар (2) во дуелот со екипата на Работнички. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 6:3 во корист на Вардар. По првото полувреме имавме минимално водство од 2:1. Максим Митревски постигна два гола, додека по еднаш во листата на стрелци се запишаа Македон Симев, Лука Пацевски, Петар Васоски и Благојче Седлоски. Вардар (2) го запиша петтиот триумф сезонава.