Денес во големата сала на спортскиот центар Јане Сандански стартуваше 2.коло во ракометната “Јуниор„ лига. Во машкиот дел кај генерацијата родени 2006/07 година се одиграа три натпревари. Победи забележаа екипите на Бисинов и тоа две, како и една за РК Будимир.
На првиот меч кај оваа генерација се сретнаа екипите на Бисинов од Велес и Урдаревски од Скопје, поуспешни беа велешани кои славеа со резултат 13:9. Екипата на Урдаревски подобро го започна натпреварот со предност од 0:2, но вратија Бисинов во серија од 3:0 и за прв пат стигнаа до предност. Стигна и ново израмнување, а до крајот на првиот дел се играше гол за гол, па на полувреме се замина со нерешени 5:5.
Првите два гола во вториот дел исто така ги постигнаа Урдаревски, за повторно да стигнат до два гола предност (5:7). Сепак од тој момент видовме голем пад во играта на Урдаревски кој му овозможи на тимот на Бисинов да направи голема серија од дури 8:0 и да го реши победникот. На крајот ублажување на поразот за Урдаревски, но екипата од Велес ги освои бодовите, славејќи победа со резултат 13:9.
Втора победа за екипата на Бисинов, но овој пат многу поубедлива во дуелот со тимот на Делчево. Интересно во првото полувреме, екипата на Делчево не успеа да постигне ниту еден гол, додека Бисинов имаше 17 погодоци. Второто полувреме започна со гол на Бисинов, а конечно прв гол постигна и Делчево за намалување на 18:1.
Следеше нова серија за велешани од 4:0 за веќе убедливи 22:1. До крајот на овој нерамноправен дуел гледавме рутинска игра на Бисинов, кој како одминуваше натпреварот само ја зголемуваше предноста, за на крајот да триумфира со резултат 31:4.
На третиот меч се сретнаа екипите на Будимир и Филип-Вардар од Прилеп. Подобра беше екипата на Будимир која славеше со резултат 12:9. Избраниците на Андријана Будимир подобро го отворија мечот кога поведоа со 3:0, за прв гол на дуелот да постигнат и прилепчани за намалување на резулатот. Сепак со нова серија од три последователни погодоци, екипата на Будимир се одлепи и на највисоко водство од 6:1. До крајот на првиот дел по еден гол на двете страни, за на полувреме да се замине со резултат 7:2.
И во второто полувреме, екипата на Будимир беше во постојана предност и имаше контрола на резултатот. Во последните пет минути од мечот влегоа со водство од 11:5, а тимот на РК Филип се погрижи да ја намали негативата и да го заврши мечот со достоен пораз од 12:9.