Нашиот шампион, екипата на Фк Вардар ја забележа втората победа во првенството. На стадионот во Ѓорче, црвено-црните беа подобри од Младост Ц.Д. Целосна доминација на Вардаровите фудбалери во текот на целиот натпревар, кои ја оправдаа фаворитската улога на теренот. Гледавме нов и надмоќен Вардар со константен притисок на половината на противникот. Дури и во период кога имавме висока предност, момците на Седловски го напаѓаа голот на Младост. Ова е играта кој секој вистински навивач на нашиот шампион би ја посакал во продолжението од сезоната.
Многу рано ја затресовме мрежата на противникот, се играше 9 минута кога Блажевски уште еднаш ја покажа својата умешност. Во една соло акција нашиот напаѓач исфли неколку одбранбени фудбалери и упати удар кој заврши во мрежата. До пстигнувањето на вториот погодок, следеше уште една добра прилика за Блажевски, но неговиот удар беше блокиран од гостинските играчи. Но во 35 минута не згреши и донесува предност од 2:0 за својот тим. Фелипе убаво го проигра, овој излезе сам пред голот на Коруновски и повторно прецизно стрелаше. До крајот на првото полувреме успеавме да постигнеме уште погодок, кој беше дело на Хамбарѕумјан. На пауза се замина со резултат 3:0.
Во вториот дел не застанавме со нападите и продолживме да ја играме играта која ни донесе високо водство. Овој пат при една акција од левата страна во која беше вклучен Љамчевски, упати удар кон голот на Младост, таа топка ја зафати Дашјан за предност од 4:0. Не поминааа ни десет минути, а веќе го видовме и петиот гол на овој дуел. Блажевски повлече речиси сам од средината на теренот, се ослободи по левата страна од еден противнички играч додаде до Дашјан, кој од неколку метри ја погоди целта. Во тие моменти резултатот беше 5:0.
Се направија и неколку измени во нашиот состав. Од теренот излегоа Ивановски, Фелипе и Блажевски. Во игра влегоа Ромеро, Брдаровски и Петар Петковски. Во продолжение од мечот го видовме и шестиот гол, кој беше дело на Љамчевски. На неговиот погодок асистираше ново влезениот Петковски. До крајот не се случи нешто поинтересно. Вардар успеа да освои три нови бода и да го заземе лидерското место на табелата.