Вардар го загуби првото место. Со денешниот кикс против Беласица 1:1, нашиот тим падна на втората позиција на табелата. Иако Вардар имаше големи шанси да победи, сепак, Лира на повеќе наврати не постигна погодок.
Одлично прво полувреме одигра нашиот тим и заслужено на одмор замина со предност. Првиот удар кон голот на Беласица нашиот тим го имаше во 16. минута. Лира се обиде со глава од добра позиција по нафрлена топка од Брдаровски но биеше само покрај голот на гостинскиот голман. Добар фудбал Вардар продолжи да игра и понатаму, двоецот Брдаровски – Попзлатанов делуваше опасно по десната страна каде одеа речиси сите акции на “црвено – црните”. Се играше 30. минута, Цветаноски убаво му додаде една топка на Мицевски кој од 22-23 метри биеше силно и прецизно за гол и голема радост на нашиот тим. Кон крајот на првиот дел, односно во 43. минута и двата тима пропуштија по една голема шанса. Најпрвин по еден корнер гостинот преку Милушев биеше со глава, а Гачевски успеа да одбрани и да спречи гол, потоа се створи контра за Вардар, одлично Битанг му спушти топка на Лира, кој се намести на лева, биеше, но голманот на гостите со крајни напори со нога успеа да одбрани и да спречи нов гол за домаќинот.
Во првите десет минути од вториот дел ништо позначајно не се случуваше на теренот, освен двете замени кои ги направи тренерот на гостите. Конечно шанса, во 63. минута Лира се најде во добра прилика, биеше од 17-18 метри а голманот на гостите ја допре таа топка која заврши во корнер за Вардар. Прва замена кај Вардар, во 67. минута излезе Цветаноски а во игра влезе Бериша. Во 72. минута се случи студен туш, Ивановски со одличен удар од 20-сетина метри биеше многу прецизно за 1:1. Во 74. минута од игра излезе и Попзлатанов, а во игра влезе Адем. До крајот на натпреварот Лира пропушти две големи шанси за гол и победа. Со резултат 1:1 заврши дуелот.