Утре ќе биде одиграно 18 коло во првенството на младинските фудбалски категории. Противник на сите наши генерации, ќе биде екипата на Академија Пандев од Струмица. Ова е многу важно коло за Вардаровите екипи, кој ќе забележи победа ќе биде уште еден чекор поблиску до титулата. Пионерските екипи ќе гостуваат во Струмица од 11 и 13 часот, додека во истите термини на домашниот терен во Марино, кадетите и младинците ќе ја пречекаат екипата на А. Пандев.
-Помладите пионери немаат веќе право на никаков “кикс“ и секој нареден изгубен бод ќе значи поголемо одалечување од освојување на првото место, на крајот од натпреварувачката сезона. Избраниците на Сашо Јанев ги изгубија првите две позиции на табелата, но сеуште се во изедначена борба за трофејот, со конкурентските екипи на Работнички и Шкендија. Минатото коло против тимот на Шкупи беше одложено поради репрезентативни настапи, па оваа генерација имаше доволно време за одмор, но и за размислувања како да се одграат последните мечеви од сезоната. Во есенскиот дел славевме минимално со голот на Давид Астарџиев,а истиов противник го елиминиравме и во 1/8 од купот на Македонија, кога во Струмица славевме со резултат 1:3. А. Пандев е без шанси за врвот на табелата, што им дава можност да играат без притисок во следните пет натпревари. Само победа за Вардар, може да биде позитивен резултат од ова гостување, со што би ги задржале шансите за првото место. Таму врвот го држи Работнички со с0 43 бода, Шкендија е втора со 42, додека Вардар е трет со 39 освоени бодови, но и натпревар помалку. Шкендија и Металург во ова коло имаат гостувања на Железарница, односно Прилеп. Кој најмногу ќе профитира од ова коло, тој ќе биде најбислку до конечната цел.
-Важен натпревар и за пионерите на Вардар, кои треба да докажат дека се поквалитетни од противникот, кој се наоѓа на 10 место на табелата. Сепак ваквите натпревари се покажуваат како најтешки, бидејќи послабите екипи играат без притисок дека мора да победат и влегуваат растеретени во мечевите со “фаворитите“. Таков натпревар беше оној во првото пролетно коло, кога Вардар го загуби единствениот натпревар во овој дел од сезоната, со екипата на Работнички, која на табелата котираше многу подоле од црвено-црните. Таквите дуели се веќе минато за нашите пионери, кои докажаа дека тоа било само лош ден и во следните четири првенствени мечеви имаа забележано исто толку победи, со тоа што обезбедивме пласман и во финалето на купот, каде на реваншот на Железарница убедливо го совладавме тимот на Металург. На табелата Шкендија има еден бод повеќе од нас, но ние имаме и натпревар помалку од тимот на Шкендија. Следната сабота треба да го одиграме одложениот меч со екипата на Шкупи. Токму овие два натпревари можат да бидат пресудни за конечниот пласман на табелата, на крајот од сезоната. Металург е домаќин на Шкеднија, додека Шкупи е домаќин на Македонија Ѓ.П.
-Кадетите играат одличен пролетен дел, каде на шест првенствени натпревари имаат забележано пет победи и само еден нерешен резултат и два триумфа во купот, кои им донесоа пласман во големото финале. Избраниците на Влатко Колев се наоѓаат во “животна“ форма и како одминува сезоната играат се подобро. Домашниот терен би требало да биде голема поткрепа за Вардарци, но квалитетот е дифинитивно на наша страна, кој треба да го оправдаме и на зелениот терен во населбата Марино. Црвено-црните се во “грчевита“ битка за освојување на шампионската титула со екипите на Шкендија и Металург. Тимот од Железарница кој долго време беше првопласиран од минатото коло го изгуби овој епитет и сега падна дури на третата позиција со само бод заостанување зад првите две пласирани екипи на Шкендија и Вардар. Црвено-црните се максимално подготвени за нов добар натпревар и освојување на нови бодови, кои би ги приближиле до посакуваната цел.
После пласманот во финалето на купот и елиминацијата на градскиот ривал-Работнички, младинците на фудбалскиот клуб Вардар утре ги очекува дерби натпревар во рамките на 18 коло. Противник ни е второпласираната А. Пандев, која е наш најголем конкурент за титулата. Разликата помеѓу овие две екипи е само еден бод, па победникот од овој дуел на “широко“ ќе си ги отвори вратите за шампионското славје. Избраниците на Љупчо Марковски го дигнаа нивото на игра на последните два мечеви, можеби во најважниот дел од сезоната кога се “крши“ мразот во лигата. Од гостувањето во Струмица се вративме со три бода, па зошто да не биде случај и на свој терен. Тогаш на Струмичани им пресудуја, Димков, Даци и Беќири. Се надеваме на добар меч од нашите младинци и секако победа, која многу би значела во последните четири кола од првенството.