Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Битката ја загубивме, но “војната“ допрва започнува со нова епизода помеѓу Вардар и Веспрем
Битката ја загубивме, но “војната“ допрва започнува со нова епизода помеѓу Вардар и Веспрем

Битката ја загубивме, но “војната“ допрва започнува со нова епизода помеѓу Вардар и Веспрем

Во сабота со почеток од 16 часот не очекува нова “епизода“ од ракометниот натпревар помеѓу екипите на Вардар и Веспрем. Битката ја загубивме со поразот во финалето на сеха-лигата, кога противникот по тешка борба успеа да не победи, но она вистинското допрва следува. Пласманот во Келн на завршниот турнир на најдобрите четири екипи во Европа е доволен показател за важноста на овој двомеч, па затоа влогот е голем и за двете екипи. Ова ќе биде вкупно четврто соочување на Вардар и Веспрем во текот на оваа сезона. Во сеха-лигата, на два пати одигравме со нерешен резултат, додека како што напоменавме финалето му припадна на Унгарскиот шампион.

Повеќе од доволно се познават овие екипи, така што нијанси можат да го одлучат конечниот победник во двомечот кој ни претстои. Веспрем ја има улогата на мал фаворит, поради фактот што во изминативе две сезони играа на завршниот турнир. Минатата сезона го освоија второто место, откако во финалето беа поразени од екипата на Барселона. Оваа сезона исто така ја играат одлично. Во најсилната група А завршија како второпласирани со вкупно 11 победи, 1 нерешен резултат и 2 порази. Беа поразени на гостувањата во Кил и ПСЖ, додека ремизираа во Полска против екипата на Висла Плоцк. Осминафиналната рунда ја поминаа без поголеми поблеми, со две победи во дуелот со екипата на Мотор Запорожје. Силна екипа со квалитетни играчи на сите позиции. Роланд Миклер можеби ја брани најдобрата сезона во својата кариера и претставува голем проблем за противничките играчи. Во нападот ударното трио е Момир Илиќ кој е шестти најдобар стрелец во ЛШ, потоа Ласло Наѓ, Арон Палмарсон, како и крилата Гаспер Маргуч и Угалде. Да не се забораваат ниту искусните Чема Родригес, Мирко Алиловиќ и Кристијан Цајц. Во одбраната главен збор имаат Мирзад Терзиќ и Ренато Сулиќ.

Ниту пак на Веспрем нема да му биде лесно во дуелот со нашиот Вардар. И ние имаме свои адути и квалитетен состав, кој може да се носи со било која екипа во Европа. Арената Јане Сандански и домашната публика се дополнителен мотив да влеземе во овој меч максимално мотивирани и да оствариме добар резултат, кој би ни дал поголеми шанси за реваншот во Унгарија. Ова ќе биде трета среќа за црвено-црните да стигнат до толку посакуваното учество во Келн. Во претходниве години на два пати за “влакно“ ни избега пласманот на завршниот турнир. Фленсбург и Киелце беа последните пречи, но и посреќните екипи во тие четвртфинални мечеви. Се надеваме дека оваа година нас ќе ни се насмевне среќата и ќе имаме можност да испишеме историја за Вардар и воопшто за Македонскиот ракомет. Салата е веќе целосно распродадена, љубителите на ракометот со нетрпение го очекуваат утрешниот натпревар, на кој ќе имаат можност да проследат нов ракометен спектакл. Се надеваме дека ние ќе бидеме тие што на крајот ќе се радуваат и сите заедно ќе прославиме еден голем успех на ракометниот клуб Вардар.