Вардаровата генерација 2004 е една од нашите најдобри во есенскиот дел од сезоната во детската фудбалска лига. Двете екипи на тренерот Ане Андовски завршија како први во своите групи и станаа есенски шампиони во ова натпреварување. Дел од оваа надежна генерација, кој настапува за Вардар (1) е Никола Павлески. Играч со дефанзивни задачи и еден од најзаслужните што неговата екипа има стабилна одбрана, која прими само шест погодоци на девет одиграни натпревари. Добро се снаоѓа и во офанзивна улога, каде зад неговото име се запишани четири погодоци. Во наредново интервју ве запознаваме со Никола Павлески.
1. Од каде ја добивте желбата да играте фудбал, каде беа вашите први почетоци и под водство на кој тренер ?
-Желбата ја добив од мојот татко, кој ме потикна и ме натера да го сакам фудбалот. Започнав да тренирам на шест години во фудбалскиот клуб Форца. Прв тренер ми беше Синиша од кој стекнав многу подобра техника и желба да продолжам со овој спорт.
2. Како го оценувате есенскиот дел од сезоната во детската лига. Дали сте задоволни од прикажаните игри и остварените резултати ?
-Есенскиот дел од сезоната во детската лига помина одлично за нашата генерација. Двете екипи одигравме по девет натпревари и забележавме исто толку победи. Многу задоволен од мојата екипа и од нашите успеси и се надевам дека така ќе продолжиме и во пролетниот дел, каде нашата цел е одбрана на трофејот од минатата натпреварувачка сезона.
3. Која е вашата улога на теренот и како се снаоѓате во фудбалската игра. Како е да се работи со тренер како Ане Андовски ?
-Одлично се снаоѓам на теренот и се трудам максимално да одговорам на поставените задачи од тренерот. Играм претежно во одбраната, иако често знам да се уфрлам во нападот и да бидам опасност по противничките голови. Оваа сезона имаме можност да работиме со тренерот Андовски, кој е еден од најдобрите тренери со кои сум имал можност да тренирам. Засега се иде во најдобар ред, работиме напорно за да бидеме секој ден подобри.
4. Колку ви значи играњето во Вардар и на што ве потсетува кога ќе го слушнете името “Вардар“ ?
-Името Вардар ми значи многу. Секој би сакал да биде дел од најдобриот клуб во Македонија. Чест и гордот е да се носи црвено-црниот дрес, затоа секогаш треба да го покажуваш најдоброто од себе бидејќи е реткост да си играч на Вардар.
5. Имате можност да се натпреварувате и во “Јуниор“ лигата. Кое е вашето мислење за овој проект на ФК Вардар ?
-“Јуниор лигата“ е нешто што му требаше на Македонскиот фудбал. Со овој проект на ФК Вардар се откриваат многу таленти и се споделуваат нови искуства. Истата ни овозможува одигрување на многу натпревари и дружење со останатите фудбалски школи кои се дел од лигата.
6. Каде се гледате во иднина, дали имате посебна желба за понатаму ?
-Покрај Вардар, мој омилен клуб е англискиот тим Манчестер Јунајтед. Најпрво би посакал да ги поминам сите младински категории во клубот каде сега настапувам, а моја голема желба е еден ден да заиграм во премиер лигата, за екипата на Манчестер Ј, изјави Никола Павлески за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски.